Судот утврди клевета: Арсовска и Град Скопје треба да му платат 200.000 денари на Орце Тодоровски
Основниот граѓански суд Скопје донесе пресуда со која делумно го усвои тужбеното барање на Орце Тодоровски против Данела Арсовска и Град Скопје за клевета, поради изјави објавени на 6 декември 2022 година на фејсбук-профилот на Арсовска и пренесени преку средствата за јавно информирање.
Според пресудата, судот утврдил дека Арсовска изнела невистинити тврдења со кои му биле нарушени честа и угледот на Тодоровски. Во спорната изјава таа тврдела дека помошник-директорот на Македонската радио-телевизија бил притворен во случајот „Делчевски ниви“ и дека договарал набавка на 150 автобуси од Унгарија.
Судот ја задолжи Арсовска да му исплати на Тодоровски 100.000 денари како надомест на нематеријална штета поради повреда на честа и угледот, додека Град Скопје е задолжен да исплати уште 100.000 денари по истиот основ.

Судот, исто така, наложува Град Скопје да ја објави изреката од пресудата на сопствен трошок преку јавно информирање – дневен весник, како и да ги надомести дел од судските трошоци. Истата е објавена во Нова Македонија на 10 јули годинава. Арсовска, пак, треба да ги надомести и трошоците на постапката во износ од 16.457 денари
Спорната изјава е дадена во екот на јавните обвинувања поврзани со набавката на нови автобуси за ЈСП, кога Арсовска јавно изнесе обвинувања на сметка на Тодоровски.
Comments are closed.