Изложбата „Архитектура на невидливото“ на Страхил Петровски во КИЦ Софија

Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како
постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Низ годините Петровски изложувал во Њујорк (САД), Париз (Франција), Братислава (Словачка), Виена (Австрија), Белград (Србија) како и бројни изложби низ Република Македонија.

Изложбата „Архитектура на невидливото“ во Македонскиот КИЦ во Софија е само успешно продолжување на плодното творештво.

И како што за него пишува проф. д-р Зоран Пејковски, кој воедно е и Директор на КИЦ во Софија, а и кој ќе ја отвори изложбата, „постојат изложби што не се стремат кон брза рецепција, туку кон постепено интелектуално и естетско откривање. Нивната вредност не произлегува од количината на информација што ја нудат, туку од густината на искуството што го создаваат. Токму во оваа категорија припаѓа изложбата „Архитектура на невидливото“ на Страхил Петровски – автор чие творештво со години се развива како доследно истражување на границите меѓу материјата, визуелната структура и човечката перцепција“.

Изложбата ќе биде отворена на 16.07.2026 година.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK