Опозицијата ја напушти седницата за избор на нови министри: Тврди дека Стоиљковиќ употребувал пцости

Опозицијата ја напушти седницата на Парламентот за избор на новите министри. Доцна вечерва координаторите на пратеничките групи на СДСМ Оливер Спасовски, на ДУИ Рина Ајдари, како и на тројцата пратеници од Алијанса на Албанците најавија дека нема да учествуваат во работата на Собранието се додека не чујат лично извинување од премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер Иван Стоиљковиќ.

Претходно беше одржан вонреден состанок на координаторите на пратеничките групи, на кој координаторот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во име на мнозинството побара почитување на Етичкиот кодекс на пратениците и побара од секого примерно и одговорно однесување. На тоа жестоко реагираа Ајдари и Спасовски кои побараа извинувањето да биде лично од Стоиљковиќ или да биде извинувањето од негово име. Откако не го добија, побараа прекин на седницата и продолжување утре за да се смири атмосферата во пленарната сала.

СДСМ свика и вонредна прес-конференцијата, бидејќи случувањата во Собранието, според нив, биле надвор од сите демократски критериуми, особено затоа што во нив биле вклучени претседателот на Владата и кандидат за министер.

СДСМ тврди дека навреди биле упатени кон заменик-координаторот на пратеничката група Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите во државата и за изборот на Владата. Според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за говор на омраза што може да создаде услови за насилство. По прекинувањето на седницата следувал и директен напад од кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој им се нафрлил на двајцата пратеници со навреди и пцости. СДСМ смета дека ваквото однесување не му доликува на кандидат за министер што треба да биде избран токму од Собранието.

– Тоа претставува говор на омраза што може да роди насилство. И тоа што следеше по прекинување на седницата беше вистински напад, не само вербален од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници, не само физички, вербално, туку и со пцости. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере – рече Спасовски на прес-конференцијата во Собранието.

Пратеникот Митко Трајчулевски од СДСМ во својот говор рече дека кадровските решенија предложени од Владата испраќаат загрижувачки политички пораки, особено во делот на евроатлантската ориентација на државата, што ја зовре атмосферата.

– Очекувано е назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што „српскиот“ свет во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини – истакна Трајчулески.

Трајчулоски беше критичен и кон предлогот Борче Серафимовски да биде министер за земјоделство.

–Генералниот директор на Меѓународниот славјански универзитет Борче Серафимовски беше дел од јубилејното десетто собрание на фондацијата „Руски мир“, која е основана со указ од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин во 2007 година. Свое обраќање имаше и патријархот московски и на цела Русија Кирил. Ние сме горда членка на НАТО“, нагласи Трајчулески.

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките на опозицијата поврзани со наводите за таканаречен „српски свет“, обвинувајќи го СДСМ за двојни стандарди во односите со лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ. Во обраќањето, Мицкоски рече дека СДСМ во периодот додека бил на власт имал поинаков однос кон Стоилковиќ и потсети на неговата поддршка во процесот за промена на името.

– Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоилковиќ? Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоилковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате на него и на владата којашто ја предводам јас. Е, оваа влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена – рече Мицкоски од собраниската говорница.

По напуштањето на опозициските пратеници, седницата продолжи, а во салата од оние што не се дел од парламентарното мнозинство остана само пратениците на Левица кои со своите говори жестоко ја критикуваа работата на Владата во претходните две години.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK