Мицкоски: Ова е Влада на резултати, а не на комфор, функцијата е одговорност што секој ден повторно се заслужува
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието, образложувајќи ја реконструкцијата на Владата, порача дека функциите не се стекнато право, туку одговорност што мора повторно да се заслужува секој ден.
Тој истакна дека Владата од самиот почеток се водела од принципот да биде „влада на резултати, а не на комфор“ и нагласи дека реконструкцијата не треба да се гледа како крај на нечие работење, туку како продолжување на реформите и подобрување на ефикасноста.
„Функцијата никогаш не била и никогаш нема да биде цел сама по себе. Таа е средство преку кое му служите на народот. Довербата што граѓаните ја дадоа не му припаѓа ниту на премиерот, ниту на министрите, туку единствено на граѓаните“, рече Мицкоски.
Премиерот им се заблагодари на министрите кои се разрешуваат, оценувајќи дека чесно и одговорно ги извршувале своите должности.
За поранешниот министер за култура Зоран Љутков посочи дека во неговиот мандат буџетот за култура бил зголемен од 768 милиони денари во 2023 година на повеќе од една милијарда денари во 2026 година, додека средствата за туризмот биле зголемени повеќе од трипати. Дополнително, биле исплатени наследени долгови и обезбедени нови средства за културни проекти.
За министерот за земјоделство Цветан Трипуновски рече дека во првите месеци од мандатот биле исплатени речиси четири милијарди денари заостанати обврски, а вкупната финансиска поддршка за земјоделците надминала 15 милијарди денари.
Осврнувајќи се на Министерството за правда, Мицкоски истакна дека во изминатите две години биле подготвени 33 реформски законски решенија, додека за здравството рече дека станува збор за еден од најкомплексните ресори, во кој секој успех бара голема посветеност.
Во обраќањето упати критики и до опозицијата, обвинувајќи ја дека зад себе оставила разнишани институции, нарушени јавни финансии и изгубена доверба кај граѓаните.
„Разликата меѓу нас и вас е едноставна. Вие ја потрошивте довербата што ја добивте, а ние секој ден работиме повторно да ја заслужиме довербата на граѓаните“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека граѓаните треба да ги оценуваат политиките според конкретните резултати, а не според политичките пораки, додавајќи дека целта на Владата е изградба на силна, достоинствена и успешна Македонија, заснована врз работа, чесност и одговорност.
Comments are closed.