Проф. Велев со порака до историската комисија: Растурате бугарска хегемонистичка магла и до вулгарен степен да ја омаловажувате македонската наука

Проф. д-р Илија Велев за Денешен.мк, по денес објавените препораки на Комисијата за историја за светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и за цар Самоил.

ДОСТА Е!
Не растурајте бугарска хегемонистичка магла, почитувани македонски колеги – членови на билатералната бугарско-македонска Комисија за историски и образовни прашања!

Непосредниот повод за Ова јавно обраќање е објавувањето на Вашите „експертски“ препораки со кои официјално се согласувате дека Македонија и Бугарија имале заедничка историја (а не само кратко периодично споделена, з.н.), но и дека во Македонија – по Вашиот „експертски терк“ ќе се усогласувале учебниците по историја, географија, па дури и по литература.

Како академски и научноистражувачки претставник од современата македонска генерација со над 500 научни книги, студии и прилози од областа на медиевистиката, византологијата, палеославистиката, историографијата, културологијата и на науката за книжевноста, Ви се обраќам јавно со загрижувачка напомена. Престане полтронски кон политиката да растурате бугарска хегемонистичка магла во македонската наука, образование и културна традиција. Не знам дали свесно, или од политиканска компромисна заслепеност го притемнувате македонскиот културно-историски идентитет и индиректно на Македонците им го оспорувате загарантираното меѓународно право за национално, културно и јазично самоопределување: како посебен народ и како посебна национална историја и култура – со вековна традиција и континуитет?

Јавно Ве прашувам:

Дали сметате дека ќе се најде некој сериозен медијавист и кирилометодиевист надвор од палеобугаристиката што ќе ги сфати за научно сериозни „експертските препораки“ на заедничката македонско-бугарска политиканска Комисија за историски и образовни прашања?

Вие, членовите на македонскиот дел од Комисијата (кои патем ниеден од Вас не е медиевист и кирилометодиевист) како целосно да сте се приклониле на палеобугаристичката митоманија за кирилометодиевистиката, која главно не се прифаќа во другите словенски центри и се смета како романтичарска, хегемонистичка и дури како националистичка.

Понудените текстови за св. Кирил и Методиј, или за св. Климент и Наум Охридски се толкувани надвор од секаков контекст на кирилометодиевските глобални цивилизациски процеси – за кои просторот на средновековна Бугарија бил целосно маргинален.

Насекаде во европската палеославистиката е јасно дека кирилометодиевската сесловенска мисионерска дејност била над сè византиска, а подоцна служела и на црковнополитичките интереси на папата во Рим. Во историски воено-политички контекст, таа дури била и антибугарска – зашто пред да почне Моравската словенска просветителска мисија, Ханска Бугарија не била христијанизирана, а како франечки воен сојузник директно била во војна со Византија и посредно со западнословенските кнежества во Моравија.

Во тој контекст, како е можно св. Кирил и Методиј да се толкуваат како бугарски словенски просветители? А кирилометодиевската старословенска писменост и книжнина, како „старобугарска“?

Не се помалку иронични и „експертските“ култно-легендарни напомени за св. Климент Охридски дека тој бил поставен за словенски епископ во Кутмичевица од владетелот на Ханска Бугарија. Притоа „компромисно“ не се имало предвид дека христијанскиот црковен канон оневозможувал мирско лице да спроведува хиротонија на великодостоинственик во духовен чин. Кој црковен достоинственик ја извршил богослужбената хиротонија на словенскиот епископ св. Климент? Секако тоа не го сториле актуелните присутни византискогрчки архиереи во Ханска Бугарија, а најмалку е можно тоа да биле римопапски легати.

Уште попразноверно е запишаното дека св. Наум Охридски бил основоположникот на Плисковско-Преславската книжевна школа, а по 893 година дека бил испратен од бугарскиот владетел да работи во Охридската книжевна школа. Истражувањата покажуваат дека св. Наум Охридски самоволно ја напуштил Бугарија по Преславскиот собор во 893 година и дека заминал кај својот кирилометодиевски соученик св. Климент. Тие заедно ја организирале и ја развиле Охридската духовна и книжевна школа врз основа на изворните идеи од кирилометодиевското словенско просветителство. Токму и преку изворните словенски кирилометодиевски развојни карактеристики на Охридската духовна и книжевна школа во однос на различните во новоформираниот Преславски книжевен центар, јасно се истакнува историската потврда за посебната издвоеност на македонската средновековна духовна и книжевна традиција од бугарската.

Од каква и да е романтичарско-патриотска побуда, или од современа национална дистанца (дури и да доаѓа од политичко-експертска бугарско-македонска комисија), никој нема право да го преориентираат Светиклиментовото општословенско и македонско дело кон туѓи (бугарски) историскоразвојни насоки. Впрочем, низ средновековниот период култот на св. Климент и св. Наум не заживеале во која и да е култна форма на развој и афирмација на просторот на Бугарија. Ниту пак нивните оригинални книжевни дела биле пишувани во Бугарија, а иронијата да е поголема – дури не се среќаваат и подоцнежни преписи на тие творби во бугарската ракописна традиција.

Најмалку што можам да ѝ сугерирам на „експертската“ комисија за тоа прашање е: прочитајте ги најновите истражувања на истакнатиот палеославист акад. Ѓорги Поп-Атанасов, а кои се однесуваат на „Охридската книжевна школа наспроти Плисковско-преславската – одлики и разлики“ (Види: Зборник „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, МАНУ, Скопје 2020, стр. 45-53).

Дополнително прашуваме, по која научна логика методолошки сте пристапиле кон усогласената перспектива за да констатирате дека: само затоа што македонскиот простор во период на 9. век бил завојуван од страна на Ханска Бугарија, духовните и културноисториските Светиклиментови процеси кои се одвивале во Македонија треба да се толкуваат како „бугарски“? Следствено, дали тоа ќе значи: како се менувале освојувачите на просторот на Македонија низ историјата, така македонските духовни и културноисториски процеси да се преименуваат во различни традиции – византиска, српска, турска итн., а само во прилог на бугарските хегемонистички аспирации – да не е македонска.

Во научна и во академска смисла текстот за цар Самуил е интрогантно бугарски проектиран. Експертската теза оди во прилог само да се експонира „аргументот“ дека во поголем дел од историографијата Самуиловото Царство се сметало како „бугарско“. Еве, допуштете да Ве прашаме: зошто во експликацијата не се оставил и простор да се објасни дали има и други научни тврдења надвор од бугаристиката – во смисла, дека ниеден извор од времето на Самуил не истакнува атрибуција „бугарско“ за неговото владетелство? Само за доедуцирање: бугарскиот атрибут се додал во подоцнежните византиски хроники, откако византискиот император Василиј II ја преименувал македонската територија во управна област (катепанот) Бугарија, а бугарскиот простор бил преименуван во катепанат Паристрион, односно Парадунавон.

Следствено, на македонскиот простор Византија политички го активирала процесот да се притемни етнонимот Словени и словенска земја, а да се замени со називите на порано поразените и веќе завојувани Бугари и бугарска земја. Евентуално, при формулациите дали се имало предвид: на која територија се основало Самуиловото словенско царство, а и која му била помесна (титуларна) црква? Секако дека тоа не било на просторот во Бугарија, на чии територии и најмалку се реализирале Самуиловите освојувања. За да било неговото царство бугарско, требало Самуил да се круниса со бугарската царска круна. Или, требало да се обнови веќе згаснатата Преславска архиепископија/патријаршија во својство на титуларна црква на владетелството. Црковниот титулар на Самуиловото Царство во лицето на тогаш ставропигијалната Охридска патријаршија/архиепископија во однос на Константинопол и Рим, историски јасно ја диференцира неговата држава од византиски завојуваната Бугарија.

Веќе е крајно времето македонските научни и високошколски институции јавно да упатат молба до македонските колеги од историско-образовната македонско-бугарска комисија. Немојте до вулгарен степен да ја омаловажувате македонската наука и Вашите академски и научни колеги кои објавија импозантен број истражувања читани и цитирани и од најпрестижните светски научни центри. На тој начин ја правите ништовна и Вашата досега објавувана научноистражувачка продукција. Вашиот дефект е уште поголем што со конформистички угодувања допуштате митоманиите во бугарската хуманистичка „наука“ да им служи на две политички влади да „одобруваат“ образовни наративи во политикански учебници од кои ќе се воспитуваат идните македонски млади поколенија. Барем за Вашите деца и внуци покажете должна почит и повлечете се од позициите да служете како политикански партиски измеќари – а не како академски и интелектуални граѓани. Тоа им го должите и на Вашите студенти, поранешни и идни. Зарем во досегашното академско и научно искуство не сте сфатиле дека научните препораки не се испраќаат до политички влади на земји, за Тие со политички одлуки да одобруваат учебници во образовните процеси.

Во кое време живееме? Препораките треба да ги прават професионално и со респект научни и образовни институции. Но, за жал, со ваквите Ваши примери на политиканско однесување македонските институции целосно ги девастирате.
До кога? Доста е!

Постави одговор

Your email address will not be published.