Утре Алијанса и Алтернатива во 19 часот ќе маршираат за демократија
Маршот за демократија не е само протест, туку е јавен израз на волјата на албанскиот граѓанин во Македонија, кој по последните избори смета дека сериозно се оштетени демократијата и начинот на изразување на слободната волја на албанскиот граѓанин, инаформираа во пресрет на утрешниот марш од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Маршот ќе започне во 19 часот од паркот Чаир во Скопје, потоа ќе помине пред Влада и е планирано да заврши пред канцелариите на Делегацијата на Европската Унија.
– Како знак на револт за потиснување на највозвишеното право на слободното гласање, овој марш – токму пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје – ќе испрати јасна порака дека една држава којашто ги започнува преговорите за членство во ЕУ не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и да бидат избрани, што е основното човеково и политичко право во ЕУ, изјави на прес-конференција портпаролката на Централниот штаб на коалицијата, Нурџан Асановска.
Симболи на маршот, посочи таа, ќе бидат националните симболи и симболите на нашите западни сојузници, а слоганите ќе се однесуваат на заштита на демократијата, укажувајќи дека секој друг симбол и кој било друг повик што искажува фобија, омраза или навреда за било кого, е против целта на овој марш.
– За да се избегне каква билo можност за инфекција, организаторите се погрижија и за бројот на учесниците. Впрочем, за коалицијата ништо не е поважно од здравјето. Затоа, заштитните маски и одржувањето дистанца, како и грижата за здравјето на учесниците се задолжителни обврски за успешна граѓанска акција, рече Асановска.
За маршот е известена и полицијата, а организаторите најавуваат и свои редари за успешен тек.