Академик Коцарев: Имплементирањето на Договорот со Бугарија има единствена цел – бришење од употреба на одредницата македонски народ!
Според мое мислење, единствен компромис за евентуална промена на Уставот (иако токму барањето за промена е бесмислено и гласно порачувам, НЕ за промена на Уставот!) би било најпрво признавање од бугарската страна на следните две вистини: прво, постоењето на дел од македонскиот народ (македонското етничко малцинство) во Бугарија, и второ, македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и не е бугарски дијалект. Дури потоа, можеби промена на Уставот“ посочува академикот.
Флоскулата: „или интеграција во ЕУ или изолација“, претставува празна фраза и манипулација, вели академик Љупчо Коцарев во интервју со новинарот Љупчо Цветановски во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа, според кој државите како Велика Британија, Исланд, Норвешка, Турција, Сан Марино, Андора, Лихтенштајн, Ватикан, Монако, Швајцарија, на пример, не се членки на ЕУ и не се изолирани држави.
„Впрочем, и Република Македонија не е членка на ЕУ и не е изолирана држава. Каква е целта на упорното повторување: „или ЕУ или изолација“? Можеби сеење страв и раздор? Доколку не почнат пристапните преговори, дали сегашните политички елити ќе почнат со изолација на Македонија? Според мое мислење, единствен компромис за евентуална промена на Уставот (иако токму барањето за промена е бесмислено и гласно порачувам, НЕ за промена на Уставот!) би било најпрво признавање од бугарската страна на следните две вистини: прво, постоењето на дел од македонскиот народ (македонското етничко малцинство) во Бугарија, и второ, македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и не е бугарски дијалект. Дури потоа, можеби промена на Уставот“ посочува академикот.
„Македонија е граѓанска држава, не е ниту национална ниту бинационална држава. Поимот националност (nationality) има две значења: (1) државјанство – правна идентификација на лицето, државјанин на суверена држава, што вклучува, од една страна, верност, лојалност на лицето кон државата, и што овозможува, од друга страна, заштита на лицето од страна на државата, и (2) припадност на одредена нација, народ, етничка група. Во меѓународното право, терминот државјанство (nationality) произлегува од името на државата:
„Граѓаните на Република Северна Македонија имаат државјанство на Република Северна Македонија“ (во член 4 од Уставот), па оттука, произлегува дека, денес, сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и челните државни фигури: претседателот на државата, претседателот на Владата и на Собранието на Република Македонија, имаат државјанство на Република Северна Македонија или северномакедонско државјанство, поточно, во однос на државјанството, тие се Северномакедонци со различно етничко потекло (македонско, албанско, турско, влашко, српско, ромско, бошњачко и друго – во терминот друго се вклучени сите, па затоа нема потреба од промена на Уставот). Всушност, Договорот со Грција го избриша од употреба, во меѓународното право, терминот македонско државјанство. Имплементирањето на Договорот со Бугарија има единствена цел: бришење од употреба на одредницата македонски народ“ предупредува академик Коцарев.