НЕ ГО ДОЧЕКА ЛЕКОТ ТРИКАФТА – почина првиот пациент со цистична фиброза, се надеваше дека ќе биде меѓу првите осум кој ќе го добие лекот!

Денеска почина најтешко болниот пациент од цистична фиброза во земјава, Благојче Илиевски. Веста ја потврдија и од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Во неговата последна изјава, Благојче се надеваше дека е во онаа група од осум пациенти кои се во најтешка здравствена состојба.

„Јас верувам дека сум во онаа група од осум пациенти кои сме во најтешка здравствена состојба и дека први би го добиле, но образложението дека процедурата ќе биде подолга додека се случи набавката, некако нè обесхрабри. Од последниот пат кога разговаравме, а тоа беше кон крајот не ноември, јас уште еднаш бев хоспитализиран. Повторно 12 дена на Клиниката за пулмологија, го чистат белодробието до секретот, но верувајте состојбата не ми се подобрува, и сега ме слушате како едвај дишам, како не можам да искашлам. Ми останува навистина само да се надевам дека ќе дочекам да почнам терапија со „Трикафта“, се вели во последната изјава на Илиевски.

Министерот за здравство Беким Сали утрово изјави дека сè уште не знае кога ќе биде набавен лекот „Трикафта“. Тој потенцираше дека се детектирани членовите на законите што треба да бидат изменети за да може да се обезбеди терапија директно преку преговори со производителот.

-Јас се надевам дека набрзо во Собрание тоа ќе го издејствуваме преку пратениците за да може да се изменат овие членови и да можеме да преминеме кон фаза на директни преговори, а потоа да се обезбеди лекот. Со овие измени ја даваме можноста за преговарање за да добиеме подобра цена на лекот, а секако го кратиме и периодот на јавната набавка. Нема да имаме потреба за рокови, а тоа досега ни одземаше околу два месеци, изјави министерот.

Додава дека надлежноста не е само на Министерството за здравство, туку тоа зависи од три институции кои треба да ги предложат законските измени.

-Мислам дека во делот на буџетот нема да има проблем бидејќи Фондот располага со средства и ќе може да направи интерен ребаланс кој ќе го обезбеди износот потребен за овие лекови. Да напоменам дека не работиме само да обезбедиме дози за осум пациенти, работиме на 30. Се врти информација дека за осум пациенти ќе биде обезбедено, напротив нашата тенденција е 30 пациенти да бидат обезбедени со терапија односно тие со тешка форма и полутешка форма на болеста, појаснува Сали.