Составена листата од тројца кандидати за судии во ЕСЧП од Македонија: Апостолски, Ристовска и Гајдова
Aдвокатот Јордан Апостолски, oбвинителката Ленче Ристовска од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и судијката од Апелациониот суд, Габриела Гајдова, се тројцата кандидати кои го минаа филтерот за избор на судија во Европскиот суд за човекови права.
Според ТВ Телма, спроведени се 12 интервјуа со кандидати, кои претходно се исфилтрираа од 21 пријавен.
Зградата на МНР беше местото каде се одвиваа интервјуата со кандидатите. Во вторникот завршија осум интервјуа, а некои од кандидатите беа и поранешната директорка на Академијата за судии и обвинители, Наташа Габер Дамјановска и членот и поранешен претседател на ДИК, Александар Даштевски.
Денеска Комисијата ги слушна ставовите на преостанатите четворица кандидати. Листата од тројца избрани ќе биде доставена до Владата за избор – најдоцна до сабота и до крајот на законскиот рок.
Два посебни критериума, посебни услови кои се нагласуваат од страна на Советот на Европа се моралноста и квалитетот. Овие услови се без можност за алтернатива.
Претходно, членот на Комисијата, Осман Кадриу изјави дека е задоволен од квалитетот на кандидатите кои се пријавија за функцијата во Стразбур, со мандат од девет години.
„За функција судија на Европскиот суд се бара кандидатот да поседува високи морални квалитети. И таа околност мора да се цени. Неслучајно се бара, затоа што лицата кои ќе бидат избрани за судија претставуваат олицетворение на државата“, изјави уставниот судија, Осман Кадриу.
Откако Владата ќе ја потврди листата на тројцата кандидати за судии во ЕСЧП и ќе ја испрати до Стразбур, потоа селекционата постапка продолжува во Советот на Европа.
„Кандидатите од листата што македонската влада ќе ја испрати до Советот на Европа, потоа ќе имаат интервјуа пред комисија од СЕ, а конечно ќе биде избран еден кандидат за судија во ЕСЧП од парламентарното собрание на СЕ“, ја објаснува за Мкд.мк понатамошната селекциона постапка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.
Во јануари, 2026 година му завршува мандатот на Јован Илиевски, досегашниот претставник на Македонија во Европскиот суд за човекови права.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.