Инциденти на протестите во Белград, студентите се повлекуваат од просторот пред Собранието

Студентите се повлекуваат од просторот пред зградата на Собранието и од плоштадот Славија, откако дошло до неколку инциденти и провокации за време на 15 минутниот молк во чест на загинатите 15 лица кои настрадаа при падот на настрешницата на 1 ноември во Нови Сад. Редарските служби , како што пренесуваат репортерите на Н1 се повлекуваат од безбедносни причини и ги насочуваат демонстрантите да го напуштат просторот. Според сведоштва на дел од присутните, се слушнал топовски удар, а од Пионирскиот парк каде се собрани поддржувачите на власта, биле фрлани шишиња и камења.

Од Факултетот за драмски уметности соопштија дека протестот веќе не е студентски.

„Од правец на Пионирскиот парк се фрлени шишиња и камења. Овој протест повеќе не е студентски протест. Стражарите ги симнаа ознаките. Ги замолуваме сите да го напуштат просторот околу Собранието“.

Протестите кои официјално започнаа во 16 часот, повеќе од три часа беа мирни и без поголеми инциденти и нарушувања на јавниот ред и мир.

На бината пред плоштадот Славија се обратија десетина студенти кои испратија емотивни пораки со надеж за промени. Тие порачаа дека долго време молчеле за сите неправди и ги повикаа сите граѓани да им се придружат на барањата за подобра иднина.

„Погледнете каде сме, погледнете колку сме! Вашиот глас се брои! Заедно да ја разбудиме Србија! Да истраеме во борбата за студентите, земјоделците, просветните работници, адвокатите, фармацевтите, лекарите, актерите, уметниците, новинарите, инженерите, за сите животи што ги загубивме и за оние што ќе ги изгубевме ако продолжевме да ги слушаме. Ноќта е најтемна пред зори. Се додека не се исполнат барањата!“,порача една студентка во својот говор.

Засега нема информации дали интервенирала полицијата и дали има уапсени лица откако почнаа протестите, но најавено е обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ во 22 часот.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK