Mицкоски смирува: В среда нема ништо да се случи во Уставниот суд, многу брзо ќе дознаете за огромниот криминал на поранешни владини функционери

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски соопшти дека со коалицискиот партнер Вреди разговараат за Законот за употреба на јазиците, кој в среда, 11 декември, е на дневен ред на разгледување од Уставниот суд, но порача дека никој не треба да интервенира кај Судот за оваа „тековна постапка“.

Рече дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред „какво било акција“ на Уставниот суд претходат подготвителни седници.  Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и дека такви обиди ќе има и во иднина од таа политичка партија.

-Затоа што принципот „како до сега“ заврши на 8 мај и тој принцип е поразен. Но, се уште покажува знаци на живот и гледаме дека единствената тема со која Демократската унија за интеграција е присутна во јавност е да направат  одредена поделба по етничка основа, ги третираат само етничките прашања, затоа што на друг начин не можат да привлечат  внимание, ниту да наметнат тема, ниту да привлечат луѓе коишто ќе ги поддржуваат. Бидејќи се обидоа со „зелената агенда“, видовте како завршија, и се вратија сега во опозиција на единствената тема којашто за нив можеби носи некаков резултат, рече Мицкоски на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.

Според него, ДУИ се обидува да направи две работи – да ги подели граѓаните, за што, рече, од фотографии се видело дека високи претставници на ДУИ се имаат сликано со „насилниците што го палеа државното знаме“ и дека тоа е „јасен индикатор кој стои зад сето тоа, што го потврдуваат и информации од МВР“.

-Втората теза е дека тие, ДУИ, бидејќи 20 и кусур години поставуваат судии, знаат дека ништо нема да се случи во среда. Па кога ништо нема да се случи во среда,  бидејќи се знае какви се процедурите на Уставниот суд итн., ќе излезат во јавноста и ќе кажат: „Еве ние правевме притисоци и затоа сега ништо не се случи во среда“. Затоа што за било што да се случи и за било кој да направи нешто таму, потребни се уште неколку чекори за да дојдеме до било каква акција. Во среда нема ништо да се случи, затоа што има подготвителни седници итн. итн. Но, тие повторно ги злоупотребуваат Албанците, но и Македонците, но и останатите ги малтретираат во државава со обид за поделба и да привлечат кон себе внимание, истакна Мицкоски.

Сите граѓани ги замоли да бидат спокојни затоа што, рече, „ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања за сторен огромен криминал, кој набргу од денеска ќе почне да се обелоденува“.

-Без разлика што се тие жилави, имаат свои инфилтрати во Обвинителството и во судството, без разлика колку ќе трае оваа наша борба, ќе ги поразиме. И едните, кои се слуги на овие, но и овие. И мора јавноста, и Македонците, и Албанците, но и сите останати, да ја дознаат вистинската вистина што се крие зад оваа хајка на овие политички профитери. И многу скоро од денеска ќе се дознае, рече Мицкоски.

Очекува ДУИ и неговото политичко раководство во наредниот период „да продолжи со политички маневри на истата оваа тема“.

На новинарско прашање дали Законот за употреба на јазиците „може да се врати во Собранието на доработка за да се подобри“, Мицкоски одговори дека процедурата е почната и „мора да има крај, каков и да е тој крај“.

-Секоја процедура мора да има крај. Ние не можеме да речеме дека не важи. Единствено тие што ја поднеле можат да ја повлечат или Уставниот суд да ја отфрли како нерелевантна. Па дури потоа ние може да зборуваме дали, како, што, и да влегуваме во зона на претпоставки. До тогаш, ве молам, да не се грижите, безбедносната состојба е под контрола. Ќе има обиди, од истите овие луѓе, точно ги знаеме кои се, точно знаеме со кои групи комуницираат и како комуницираат, точно знаеме сѐ. Немојте да мислите дека нешто не се знае. И ние, но нашите стратешки партнери, бидејќи во оваа работа не сме сами.  Добиваме и од таму информации, даваме информации, разменуваме информации. И ќе се одбраниме и ќе ги поразиме, додаде Мицкоски.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.