Израелската армија започна копнена акција во јужен Либан

Израелската војска рано во вторник (1 октомври) соопшти дека започнала „ограничена, локализирана“ операција против Хезболах во јужен Либан, отворајќи нов фронт во нејзината војна против либанската милитантна група.

„Операциите, поддржани од воздушни напади и артилерија, започнаа „пред неколку часа“ и беа насочени кон милитантната група Хезболах во селата блиску до границата“ со Израел, се вели во военото соопштение.

Копнената операција се одржа иако американскиот претседател Џо Бајден цврсто изјави дека се противи на ваквиот потег на близок американски сојузник, во време кога настаните на Блискиот Исток се приближуваат до целосна ескалација.

Хезболах е прогласен за терористичка организација од страна на САД, додека Европската Унија го стави на црната листа само своето вооружено крило, но не и политичката партија на Хезболах, која има место во либанскиот парламент.

Израелската војска не соопшти детали за тоа колку долго ќе трае операцијата, но се вели дека војниците се подготвувале со месеци.

„Пред неколку часа, израелските одбранбени сили започнаа со ограничени, локализирани и насочени копнени напади. Овие цели се наоѓаат во селата блиску до границата и претставуваат непосредна закана за израелските заедници во северен Израел“, се вели во соопштението.

Операцијата дојде набргу откако беше одобрена од израелските политички лидери и означи нова етапа во израелската војна против Хезболах, милитантната група поддржана од Иран.

Претходно, американските власти соопштија дека Израел извршил мали копнени напади против Хезболах.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека Израел ги известил САД за акциите, опишувајќи ги како „ограничени операции фокусирани на инфраструктурата на Хезболах во близина на границата“.

Звуците на воздушните напади можеа да се слушнат низ Бејрут, а од јужните предградија на либанската престолнина, каде Хезболах има силно присуство, се крена чад, набргу откако Израел нареди жителите на три згради да се евакуираат.

Израел и Хезболах разменуваат оган речиси секој ден од почетокот на војната во Газа, која раселени десетици илјади луѓе во Израел и Либан. Израел вели дека ќе продолжи да го напаѓа Хезболах додека семејствата не се вратат во своите домови во близина на границата со Либан. Хезболах вети дека ќе продолжи да истрелува ракети врз Израел додека не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа.

Хезболах вети дека ќе продолжи да се бори дури и откако неговиот долгогодишен лидер Хасан Насрала и други високи функционери неодамна беа убиени во израелските напади.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галан во понеделникот им рече на војниците стационирани во северен Израел дека „наскоро ќе започне следната фаза во војната против Хезболах“.

„Ќе ги искористиме сите средства што можеби ќе бидат потребни – вашите сили, од воздух, од море и од копно“, рече Галан, додавајќи дека „отстранувањето на Насрала е важен чекор, но не и конечен“.

На 27 септември, Израел го уби Насрала кога започна серија масовни воздушни напади во и околу Бејрут и јужен Либан, кои исто така ги однесоа животите на неколку водачи на Хезболах и други членови.

Вршителот на должноста водач на групата, Наим Касем, во телевизиска изјава во понеделникот рече дека Хезболах е подготвен доколку Израел одлучи да започне копнена офанзива. Тој рече дека командантите убиени во последните недели веќе се сменети.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.