И Хакан Фидан употребувал„МАКЕДОНИЈА“, негодуваат во Грција

Грчката опозициска партија СИРИЗА го критикува говорот на шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан при вчерашната посета на Скопје. Од партијата замеруваат што министерот ја нарекувал земјава и Северна Македонија и Македонија.

Во соопштението на партијата стои дека СИРИЗА недвосмислено ги осудува многу сериозните прекршувања на Договорот од Преспа од страна на турскиот министер за надворешни работи и ја повикува грчката влада да престане да ги минимизира турските провокации и конечно енергично да реагира.

Од СИРИЗА велат дека „овој провокативен турски став не е случаен“, туку според нив е последица на политичките одлуки на Владата на Мицотакис, која „систематски води нетранспарентна надворешна политика, нанесувајќи им штета на националните интереси, избегнувајќи сите овие години какво било активно вклучување во Договорот за да ги одржи внатрепартиските рамнотежи“.

Од партијата на Стефанос Каселакис велат „дури индикативно е тоа што посетата на турскиот министер за надворешни работи е насочена за зајакнување на стратешките односи со Северна Македонија, а од друга страна владеачката Нова демократија не се грижи за развој на билатералните стратешки односи и улогата на Грција во соседството, преку ратификување на меморандуми, потпишување нови и пристапување кон приближување за стратешка соработка, при што сега се евидентни ефектите врз нашите национални интереси“.

СИРИЗА го повикува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да престане со ситната политичка и непроѕирна експлоатација на грчките национални интереси, како што велат, „како што направил и со грчко-турските односи и со Договорот од Преспа и да преземе соодветни дипломатски протести и демарши, со цел Турција да конечно помири се со меѓународното право и реалност“.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски го пречека шефот на турската дипломатијата, Фидан. Констатираа дека има можности за поголема соработка во сите области, за зајакнување на економските врски, инвестициите, трговска размена.

„Соработката, пријателско и сојузништвото со Македонија го цениме многу. Разговаравме како можеме да ја унапредиме оваа соработка. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме Виш стратешки совет за соработка. Турција има цел да се зголеми билатералната економска соработка на две милијарди и ќе продолжиме со поддршка на турските компании да инвестираат во земјава“, рече Фидан.

Шефот на турската дипломатијата побарал од македонските власти поголема соработка за справување со „Фето“, за образованието на турски јазик и културата.

Македонија и Турција како НАТО-сојузници договориле поголема воена соработка со одржување обуки и вежби на полигонот Криволак.