ЌЕ СЕ ОДЗЕМАТ ДОЗВОЛИТЕ ЗА РАБОТА НА 2 ДРУШТВА ЗА ИГРИ НА СРЕЌА

Министерството за финансии бара да им се одземат дозволите за работа на 2 друштва за организирање игри на среќа, информира денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Министерката не ги обелодени имињата на двете друштва, но кажа дека едното е надвор од Скопје и дека двете должат големи износи кон државата.

– Двете друштва не платиле ниту една од давачките по основ на повеќе закони во период од неколку години со што најверојатно  ја оштетиле државата. Едно од друштвата е формирано во 2022 година и од тогаш не платило ништо иако има обврски кои произлегуваат од Законот за игри на среќа од законите за одредени даноци, како и придонеси за вработените – рече Димитриеска Кочоска.

Министерството за финансии ги испратило предметите за двете друштва до Финансиската полиција и до МВР кои треба да утврдат дали и во колкав обем е оштетена државата од незаконското работење на друштвата за игри на среќа.

Димитриеска Кочоска рече дека Министерството за финансии уште во 2022 година неколку пати ургирало во Управата за јавни приходи да добие подетални информации за тоа колку е оштетена државата, но оттаму не добило никаков одговор сѐ до смената на директорите на УЈП.

– Прв пат добивме одговор по смената на директорите на УЈП – рече Димитриеска Кочоска.

Министерката рече дека се поднесени барања за контрола на сите друштва на игри на среќа и друштвата кои организираат игри на среќа на интернет.