Османи се враќа на Клинички, Груби ќе предава, а Маричиќ и Шаќири – на апанажа!
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, ексвицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и поранешните министри за надворешни, за локална самоуправа, информатичко општество и за животна средина – Бујар Османи, Ристо Пенов, Азир Алиу и Каја Шукова – нема да поднесат барање за апанажа, односно нема да бидат на товар на буџетот уште една година.
Дел веќе се вратиле на старите работни места, дел, пак, го оствариле правото на пензија. Од тимот на експремиерот Димитар Ковачевски досега побарале од Комисијата за избори и именувања право на апанажа ексвицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министерот за образование Јетон Шаќири, додека поранешниот шеф на државната каса Фатмир Бесими и ексминистерот за правда Кренар Лога уште размислуваат дали уште една година ќе бидат на државни јасли. Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши не ни одговори дали ќе бара апанажа. Се очекува Комисијата денеска да ги одобри апанажите за Маричиќ и за Шаќири, како и на членот на поранешниот состав на Антикорупциска комисија, Нури Бајрами.
Од 20 министри, колку што броеше кабинетот на Ковачевски, нема многу поранешни министри да бидат на апанажа зашто повеќето ексфункционери од СДСМ се пратеници, вклучително и експремиерот. Освен Ковачевски, пратеници се речиси сите поранешни министри од СДСМ, и тоа Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Јованка Тренчевска, Љупчо Николовски, Фатмир Битиќи, Славјанка Петровска и ексдиректорката на УЈП Сања Лукаревска.
Груби се враќа на професорското место на Тетовскиот универзитет
Артан Груби во изјава за „Слободен печат“ вели дека нема да бара апанажа и дека се враќа на Тетовскиот универзитет.
Сопартиецот Бујар Османи ни изјави дека се пријавил во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
– Нема да поднесам барање за апанажа. Се пријавив на Клиниката за дигестивна хирургија, каде што ми мируваше работното место – ни изјави Османи.
Меѓу поранешните министри што веќе поднеле барање за апанажа е Бојан Маричиќ. Тој за „Слободен печат“ вели дека нема работно место и затоа побарал апанажа.
– Со оглед на тоа дека пред седум години ја напуштив организацијата во која бев постојано вработен, немам работно место кое чека во мирување. Затоа ја искористив законската можност да побарам апанажа, според законски утврдените права на поранешните функционери – ни изјави Маричиќ.
Јетон Шаќири ќе биде уште една година на државна плата, зашто како министер за образование дошол од функцијата директор на ЈП „Водовод“ Струга. Бидејќи директорската функција не може да се стави во мирување, Шаќири вели дека нема старо работно место и затоа побарал апанажа. Тој претходно работел и во претпријатието „Колекторски систем“. Одговор дали ќе бара апанажа не добивме само од поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.
За апанажи, буџетот месечно пократок за 80.000 евра
Ако пратеничките и министерските плати се околу 2.000 евра, а одобрени апанажи веќе има за околу 40 поранешни функционери, тоа значи дека од државниот буџет месечно веќе се трошат околу 80.000 евра за плати на поранешни функционери. Очекувањата се дека до истекот на рокот за поднесување на барање, на апанажа ќе бидат најмалку 50 поранешни функционери. Надоместокот, во согласност со Законот, е во висина на платата што именуваното лице ја добивало додека било на функцијата.
Претходно, по формирањето на техничката влада, правото на апанажа го остварија експремиерот Димитар Ковачевски и ексминистерот за внатрешни Оливер Спасовски. Апанажата им беше прекината откако на двајцата им беше верификуван пратеничкиот мандат. Ковачевски и Спасовски земаа месечно по 2.500 евра.
Апанажа веќе им е одобрена на вкупно 36 поранешни пратеници,