Се разбуди Пендаровски: Ова со документите е неприфатливо, не смее да има казни за возачките дозволи
„Неприфатливо е македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот. Ги следам реакциите на загрижени граѓани кои и лично ме контактираа вечерва и ги разбирам нивната вознемиреност и гнев смета претседателот Стево Пендаровски.
– Барам од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важење не е истечен сметано од нивното издавање. Како што кажав и пред неколку седмици, доколку се има политичка волја, законските решенија може да се донесат во многу краток рок, вели Пендаровски.
Според него никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето, особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава.
– Ги повикувам надлежните институции навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите чекори кои се преземаат да се надмине оваа неприфатлива ситуација. Истовремено, како претседател на државата сакам да ја повторам нашата посветеност кон имплементација на сите меѓународно правни обврски што ги имаме преземено, а произлегуваат од т.н. „Преспански договор”, порачува Пендаровски.