Им останува покачувањето од 78 проценти: Пратениците ги изгласаа измените на законот за плати
Пратениците денеска во рамки на 145. пленарна седница ги донесоа измените на шесте закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица.
Со ова, ќе се стопира растот на платите на избраните и именуваните лица, но им останува минатогодишното зголемување од 78 проценти.
Со законските измени се опфатени околу 1 060 избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.
Предлог-измените ги поднесе пратеничката група на СДСМ, а вчера на ваквите најави реагираа од Здружението на судии, Судскиот совет и Здружението на јавни обвинители.
За платите на функционерите кои се именувани директно од Владата и не се опфатени со законските промени, се разгледува законска можност за интервенција со владина одлука, а според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи тоа може да се направи и од управните и надзорните одбори.