НОВА „НОВОГОДИШНА ЗАДОЛЖУВАЧКА ЧЕСТИТКА“ ОД ВЛАДАТА – прагот на домашното нето-задолжување зголемен на 635 милиони евра

На крај на годината, уште една новогодишна задолжувачка „честитка“ од македонските власти до граѓаните.

Иако тоа не значи дека Владата сигурно ќе се задолжува, туку дека дополнително ќе ја зголеми рамката во која ќе може да зајми на домашниот пазар, зголемувањето токму на таа рамка не е за потценување.

И дополнително треба да се наведе дека ова не е прво зголемување на прагот на домашното нето задолжување.

Односно, едно такво „растегнување“ веќе се случи на крајот на октомври годинава, кога прагот на домашното нето задолжување беше зголемен од 150 на близу 503 милиони евра, додека сега, пак, со одлука на Владата од 18 декември годинава, повторно се зголемува прагот на нето задолжувањето, на цели 635 милиони евра, што значи дека имаме ново зголемување за цели 132 милионио евра.

„Врз основа на Законот за јавен долг и Службен весник на Република Северна Македонија, Владата на седницата одржана на 18 декември донесе Одлука за изменување на одлуката за утврдување на максималниот износ на нето задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2023 година“, се вели во владината објава во Службен весник и се додава дека „во Одлуката за утврдување на максималниот износ на нето-задолжување, зборовите „30.920.000.000 или триесет милијарди деветстотини и дваесет милиони денари – 503 милиони евра – н.з“, се заменуваат со зборовите „39.033.000.000 или триесет и девет милијарди триесет и три милиони денари – 635 милиони евра –н.з.)“.

Оваа одлука ќе влезе во сила со денот на објавувањето во “Службен весник“, а нејзин потписник е првиот заменик на претседателот на Владата, Артан Груби.

Како што веќе објавивме на 25 октомври, Владата тогаш самата себе си даде простор годинава да се задолжи за 502 милиони евра, и тоа на нето основа само на домашниот пазар.Ова значи дека планираното нето задолжување кај домашните кредитори во текот на оваа година тогаш се зголеми за над 150 милиони евра, што, пак, би упатувало на претпоставката дека финансиските власти се нашле во прилично голем „зорт“ за средства за финансирање на буџетската ликвидност, штом при крајот на годината ја преиначуваат одлуката за максимално дозволениот износ на нето задолжување. Но, сега таа сума е зголемена за дополнителни 132 милиони евра.

Нето задолжување, пак, значи дека од домашните кредитори би се зеле многу повеќе пари, но и ќе се врати одредена сума, така што всушност внатрешниот долг на државата би пораснал оваа година за точно 635 милиони евра.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на крајот на октомври, кога нето задолжувањето се зголеми за 150 милиони евра, во одговор за медиумите изјави дека станува збор за зголемување на домашното задолжување, кое е поевтино, но битно е што буџетскиот дефицит останува на исто ниво, односно кај него нема зголемување.

„Даваме можност за подобра реализација на плановите поврзани со фискалната стратегија. Се остава простор доколку треба да обезбедиме депозити на крај на година за да ја одржиме макроекономската стабилност – да можеме да реагираме и на домашниот пазар, покрај на меѓународниот“, рече тогаш Бесими, појаснувајќи ја владината одлука со која се зголеми максимално дозволениот износ на задолжувањето преку државни хартии од вредност на домашниот пазар.

Тој рече дека е клучно што Буџетот и номинално гледано останува на исто ниво во однос на растот и во однос на дефицитот.

„Тие се плански проекции што се ставаат во Буџетот што даваат можност за подобра реализација на плановите што се поврзуваат со фискалната стратегија“, рече Бесими, потсетувајќи дека веќе е обезбеден пакет од 600 милини евра по програми од меѓународни финансиски институции.

Прашан зошто се оди со опцијата на домашниот пазар  во услови на другите поевтини извори за финансирање, тој потенцираше дека тоа е план за крај на година на дефицитот и оти тоа моментно е поевтино и од меѓународните финансиски институции кои се поврзани со еурибор, што е над 4 проценти. На домашниот пазар задолжувањето е под тој процент, односно домашното задолжување е поевтино.

На крајот на годинава имаме ново задолжување на домашниот пазар. Државата издала две државни обврзници, на вкупна сума од 42 милиони евра. Од вчера тие котираат и на Македонската берза, за што оттаму ја известија инвеститорската јавност.

Првата обврзница е на поголема сума, нешто малку повеќе од 27 милиони евра, и ќе се враќа во период од следните 15 години, додека, пак, втората е на помала сума од 14,7 милиони евра, но е пократкорочна и има рок на доспецвање од три години.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.