Министерката за култура бара од Филхармонија без финансиски надомест да ја отстапи салата за „Балкански Музички Фестивал 2023“

Свеченоста на отворањето на новата, јубилејна концертна сезона на Македонската филхармонија ја зеде и ја однесе низ Вардар министерката Бисера Костадиновска Стојчевска со валкање и уништување на угледот на најстарата музичка институција во Македонија, која годинава прославува 80 години од своето постоење, реагираат во допис испратен до нашата редакција вработени во Македонската филхармонија.

Имено, настаните кои изминатиов период ја брануваа јавноста со вдомување на новата национала установа за џез музика во просториите на Македонската филхармонија кулминираа со разрешувањето на директорката Тина Иванова и целиот Управен Одбор на филхармонијата под изговор дека гореспоменатите не ја вршеле својата работа совесно и одговорно. Министерката во сите свои јавни излагања, единствената причина за нивното разрешување ја образложи во изнајмувањето на салата на Македонската филхармонија на политичка партија (кое впрочем е сосема легално и легитимно), односно задоцнето плаќање на фактурата за изнајмување на салата и наводна ненаплатена камата за задоцнетото исплаќање. Министерката во нејзиното јавно излагање потенцираше дека нема да дозволи на ваков начин да бидат оштетени граѓаните, сметајќи дека Тина Иванова и Управниот Одбор ги оштетиле граѓаните со задоцнувањето на исплатата за изнајмување, велат во дописот вработените.

Тие реагираат на двојните аршини на министерката за култура.

Епа министерке браво! Само што ако имате грам чесност и доблест ќе им кажете на граѓаните дека истата година, еден месец пред да се случи тој за Вас спорен настан, Вие ја побаравте истата сала да се изнајми на Вашиот кум БЕЗ ФИНАНСИСКИ НАДОМЕСТ! Но ја немате и тоа секој ден го покажувате! За појаснување, се работи за известување испратено директно од кабинетот на министерката за култура до НУ Филхармонија на Р.Македонија, во кое министерката известува, или подобро речено наредува да се издаде големата сала на Филхармонија без финансиски надомест на „Друштво за продукција, маркетинг и услуги СЦЕНА – СВЕТСКИ МУЗИЧКИ ФОРУМ увоз-извоз ДОО Битола“ за реализација на проектот „Балкански Музички Фестивал 2023“ за термините 21-22.11.2023, финансиран се разбира како проект од национален интерес во културата од страна на Министерството за култура.
Ова известување е потпишано со своерачен потпис од министерката за култура и архивирано со печат од министерство за култура. Со ваквото деспотско однесување министерката ја чини филхармонија (или граѓаните како таа милува да каже) повеќе од 10.000 евра!
Е сега министерке, образложете ни од што ги штитите граѓаните? Од обидот да се биде креативен во ова многу некреативно време за сите? Од луѓе кои чесно си ја работат својата работа? Од институција која во време на пандемија бележи рекорден број на посетеност и од страна на публика и од страна на странски солисти и диригенти? Од презентирање и реализација на проекти и изведувачи од светски калибар на кои што публиката им се насладуваше изминативе неколку години? Или пак ги штитите само оној специјално одбран круг на граѓани, Ваши миленици кои ја пропагираат Вашата штетна политика со задоволување на ниски страсти, оние на кои им ги остваривте животните желби – да бидат човек институција?, стои во дописот од вработените во Филхармонија до нашата редакција кои ни испратија и фотографија од дописот на министерката.