БРАЧЕН ПАР ОД МАКЕДОНИЈА ЗАГЛАВЕН ВО ГАЗА, единствениот излез е границата со Египет која засега е затворена
Дваесетина граѓани од загрозените подрачја во појасот Газа се веќе евакуирани од Тел Авив во Атина и оттаму се упатуваат кон Македонија, но еден брачен пар е заглавен во Газа откако не успеал да ја помине границата со Египет.
– Имаме еден брачен пар во Газа во загрозеното подрачје. Единствено можеа да се упатат кон граничниот премин со Египет, но кога стигнале на граница, таа била затворена. Нашата амбасада во Каиро е во постојана коминикација со тој брачен пар и тие се безбедни во моментов, но знаете дека ситуацијата таму е многу променлива и сметаме дека тие се во некаков ризик. Засега немаме начин како да ги извлечеме од Газа освен Египет да го отвори преминот само за тие да преминат. Има граѓани и од други држави, не се сами – истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Од тие 22 граѓани кои биле идентификувани и контактирани во загрозените подрачја во Израел, ноќеска петмина стигнале во Атина, а нашата амбасада оттаму им обезбедила превоз до Солун, односно со македонската граница од каде што со превоз на МНР се префрлени до своите домови. Утринава дополнително 17 од тие кои беа загрозените подрачја пристигнаа во Атина и тие во текот на денот ќе пристигнат во Македонија.