УШТЕ 5 МАРКЕТИ СО ПЛОМБА НА ВРАТА – Не ги намалиле цените
Државниот пазарен инспекторат продолжи со контролите во маркетите и продавниците за тоа дали се почитуваат последните одлуки на Владата за намалување на цените за 10 отсто на одредени производи. Оттаму информираат дека вчера се казнети и затворени 5 маркети во Кавадарци, Гостивар, Куманово и Тетово.
Директорот на ДПИ, Горан Трајковски упати благодарност до сите граѓани кои пријавуваат неправилности на бројот 02/191.
-Во повеќе наврати напоменав дека секој мора да ги почитува законите и Одуките на Владата. Исто така, нема да дозволам никој да ги манипулира и доведува во заблуда граѓаните – потрошувачите, потенцира Трајковски.
Тој исто апелира до сите трговци, дека нема да има компромис ниту селекција во постапувањето на пазарниот инспекторат, кога е во прашање интересот на граѓаните.
-Апелирам и до сите дека ДПИ ќе го посети секое село во нашата држава каде што има и мали продавнички бидејќи до кај нас стигнуваат пријави од граѓани. Воглавно во големите ланци на маркети си ги исправија и ги применуваат одлуките на владата, рече вчера Трајковски при посетата на компанијата „Горска“.
Во саботата седум поголеми ланци на маркети биле казнети поради непочитување на владината мерка. Казните се платени и истите отвориле утрово.
Владата предвидува дека со последните мерки секое домаќинство ќе заштеди до 2500 денари.