Се исполни желбата на Тоше: Осветен манастирот Свето Преображение Господово во Крушево

Манастирот после долги години на градба ја достигна состојбата да биде осветен. А најзаслужен за подигањето на целиот манастирски комплекс е македонската музичка легенда Тоше Проески.

Во присуство на голем број верници од Крушево и земјава осветувањето на манастирската црква го изврши Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на повеќе Архиереи на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Се претпоставува дека манастирот „Свето Преображение“ во близина на Крушево е изграден помеѓу 11 и 13 век, а потоа бил изгорен. Луѓето кои работеле на неговата доизградба велат дека никој од крушевци не знаел дека на тоа место има манастир, сè до седумдесетите години од минатиот век, кога Никола Проески, татко му на Тоше, заедно со ловџиите, наишле на темелите на светиот храм.

Додека ја поминувале падината, наишле на една височинка во која било направено провизорно камарче од камења.

Од едната страна имало стари пари, а од другата – место за палење свеќи. Никола, кој тогаш работел во стакларницата во Крушево, направил стаклен крст и го оставил како обележје на тоа свето место.

Мештаните од село Селце кажуваа дека на празникот Преображение од тоа место навечер се појавува голема светлина која оди кон нивното село и кон Арилево.

Тогаш откривме дека таму се темелите на „Свето Преображение“ – вели еден крушевец и дополнува дека според кажувањата Тоше Проески бил единственото дете на петгодишна возраст кое доаѓало кај манастирот и кое помагало.

Во 1986 година крушевчани решиле да почнат со изградбата на манастирот. Невремето, непроодниот пат, височините, не биле пречка вљубениците во Бога и големите верници да придонесат во неговата изградба.