Граѓани добивале пораки од директорот на БЈБ, МВР предупредува на меѓународна измама
Деновиве во Министерството за внатрешни работи (МВР) пристигнале пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Сашо Тасевски.
Во пораките пишувало дека во наводна соработка со Европската полиција (Европол), примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикувал да го контактира испраќачот за да му објасни за какви кривични дела станува збор. Освен ова полицијата добила пријава дека постои лажна веб страница на Управата за јавни приходи (УЈП), од каде се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на граѓаните на лажниот линк. Поради ова, денеска МВР издаде соопштение со кое ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака и дека зад не се крие меѓународна измама.
„МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани“, предупредуваат од МВР. Исто така, од МВР предупредуваат граѓаните што ќе добијат вакви пораки да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на сопствениот компјутерски систем од вируси.
„Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот. Ги информираме граѓаните и дека во Секторот за компјутерски криминал е пријавено дека е изработена лажна веб страна на Управата за јавни приходи, од каде се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на лажен линк. Апелираме до граѓаните да не ги отвараат ваквите пораки и да не ги оставаат податоците од своите банкарски сметки затоа што станува збор за измама“, предупредуваат од МВР. Ова не епрв пат лажни пораки од МВР да бидат испраќани на адреса на граѓаните. Во 2020 година МВР предупреди граѓаните да ненаседнуваат на пораките кои непознат сторител ги испраќал во името на државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска. До сега нема јавно објавена информација дали полицијата ги најде сторителите на оваа измама, велат од МВР.