Кадиевска Војновиќ: Двоцифрената инфлација се должи на домашни фактори и погрешни политики
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Кадиевска Војновиќ во вчерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека за инфлацијата има фактори кои што се увезени и се заеднички за сите држави во светот и во Европа и има фактори кои што се домашни кои придонесуваат за двоцифрената инфлација во Македонија која е највисока од 95-та година навака.
Таа како увезени фактори ја спомна ковид пандемијата која го затвори производниот процес и војната во Украина која дополнително ја засили инфлацијата, а двоцифрената и највисока инфлација на Македонија, истакна дека се должи на домашните фактори како што е зголемувањето на плати без да биде зголемена продуктивноста и намалувањето на работната сила меѓу другото и преку вработувања во јавниот сектор.
„Политиката на раст на плати без притоа да биде зголемена продуктивноста на самите фирми услови зголемување на трошокот за труд по единица производ, а тоа значи дека во еден подолг временски период, не зборувам за оваа година, зборувам за еден период од 5 години од 2016-та навака, ние имаме раст на бруто платите, а имаме пад кумулативно на продуктивноста. Тоа направи да фирмите тоа што не произведуваат повеќе, за да си го задржат профитот го пренесоа врз финалните цени. Тоа е првиот домашен фактор, а вториот домашен фактор кој што услови да имаме инфлација ни е самиот пазар на труд и она што ни се случува на пазарот на труд. Кај и да идете кај приватните компании кажуваат дека не можат да најдат работна сила. Ние како население како Македонија се иселуваме. Се иселува и македонска и албанска популација и секаква и затоа немаме работноспособно население. Во такви услови кога и државата во последниве две три години, чудно, меѓутоа во две најголеми кризи, пандемиска и енергетска, вработува во јавен сектор, го обсорбира оној слободен дел од работната сила и за приватниот сектор не останува ништо. Не создаваме народ, се иселува младо население“, потенцираше Кадиевска Војновиќ.