Грковска-Јан Коп: Исклучително важно е Македонија да ја зајакне сајбер безбедноста и сајбер отпорноста
Заменичката на претседателот на Владата, задолжена за политики и добро владеење Славица Грковска денеска оствари средба со холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, на која дискутирале за сајбер безбедноста во земјава и приклучувањето на земјава кон GFCE- глобалниот форум за сајбер експертиза, информираат од Влада.
На состанокот, како што информираат, Грковска ги поздравила активностите на Кралството Холандија за градење на силна мрежа за сајбер безбедност, и се заблагодарила за поканата на холандската амбасада, Македонија да се приклучи кон GFCE- глобалниот форум за сајбер експертиза.
За време на средбата, Грковска посочила дека Владата со сите министерства и институции посветени на сајбер безбедноста, ќе се вклучат во работните групи на GFCE и ќе бидат претставени можностите на оваа мрежа пред компаниите во Македонија кои работат на оваа тема.
-Сајбер безбедноста е клучен елемент во одбраната на секоја држава и од исклучително значење за Македонија е зајакнување на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста, и заедно со меѓународните партнери ќе продолжиме силно да работиме и да се развиваме на оваа тема, за да ги достигнеме ЕУ стандардите на сајбер безбедно општество, штитејќи ги граѓаните и државните системи од сајбер напади, се додава во соопштението од Владата.