И таткото на цар Борис ќе добие културен клб – „Цар Фердинанд“ ќе шири бугарштина во Богданци

Почната е постапката за регистрација и на третото бугарско здружение со назив „Цар Фердинанд“ со седиште во Богданци. Сител од свои извори дознава дека во Централниот Регистар веќе се разгледуваат поднесените документи од барателот. И во овој случај подносителот обезбедил согласност од поранешниот бугарски премиер Симеон Саксобурготски како член на семејството и потомок на Царот Фердинанд. Од Централниот регистар засега нема одговор кој е подносител на барањето за регистрација на вакво здружение.

Премиерот пак не слушнал дека во постапка е регистрација третото бугарско здружение. Но веќе го осудија отворањето на здруженијата во Битола и Охрид и го оценија како провокација.

Од Министерството за правда информираа дека до нив не било доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети“, кое во Централен регистар е регистрирано во текот на минатата година.

Инаку, Eврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија вчера издадоа соопштение во јавноста, во кое порачаа дека се згрозени и навредени од регистрaцијата на Здружението „Цар Борис III“ во Охрид, како и од леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говорот на омраза.

„Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест кои носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за Еврејската заедница, навреда за македонската држaва и за нејзините граѓани… или некој можеби мисли поинаку, дека на овој начин, со промоција и величење на фашизмот и нацизмот, се зајакнуваат добрососедските односи“, беше наведено во нивното соопштение.

На Фејсбук-страницата на „Цар Борис Трети“ беше подоцна објавен демант со кој се негира антисемитизмот на Здружението.