Раѓање на Пресвета Богородица- Празник на мајката на сите мајки која им помага на жените што немаат деца
Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица, празник познат како Мала Богородица. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат литургии.
Во предвечерието на великиот празник синоќа беше отслужена вечерна богослужба во храмот посветен на Богородичното рождество во центарот на Скопје. Вечерната молитва беше проследена со литија околу централното градско подрачје.
Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Пресвета Богородица, Марија, е родена од родители Јоаким и Ана, кои живееле во Назарет. И двајцата биле многу скромни, побожни и ги помагале сиромасите и болните. Долго време немале деца, а ќерката ја добиле после пет децении брак.
Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ја празнува и слави Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Многу цркви го носат нејзиното име, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Меѓу народот овој празник се слави и со различни обичаи, посебно посветени на раѓањето. Се верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца.
Заедно со Рождеството, според календарот на МПЦ-ОА, денеска се празнуваат и иконата на Пресвета Богородица во Калишта и иконата на Пресвета Богородица Почајевска.
Следниот ден по Мала Богородица, 22 септември црквата го празнува споменот на нејзините родители Јоаким и Ана.