Груби им ја одзеде училишната зграда на тетовските гимназијалци од македонска настава

Со одлука донесена на 20 јули оваа година, а потпишана од првиот вицепремиер Артан Груби, се одзема една зграда од тетовската гимназија во која учат учениците од македонска настава и објектот му се доделува на тетовскиот Катастар, објави СДК.МК.

Македонските ученици од тетовската гимназија сега учат во два објекти од старото медицинско училиште, па ако се реализира оваа одлука , односно ако им се одземе едната зграда, тогаш околу 80 ученици ќе останат без можност за натамошно школување во гимназијата, бидејќи ќе нема каде да ја следат наставата. На ваквата одлука остро реагира градоначалникот на Тетово Билал Касами кој вели дека ова е само одмазда на ДУИ, но и на СДСМ за претрпениот пораз на последните избори за Совет на општина Тетово.

„Надвор од секоја здрава логика, СДСМ и ДУИ продолжуваат со реваншизмот кон Тетово и тетовци. На одмазднички начин, Артан Груби потпишал одлука, со која старата зграда на медицинскиот училиштен центар се дава на трајно користење на Катастарот на Тетово. Како што може да се види, со оваа одлука, овој објект без потреба и без никаква претходна консултација, се дава на користење на Катастарот. Оваа одлука ја оценуваме како самоволна и како одмазда со казнување на образованиот процес и учениците од Тетово, знаејќи дека во овој објект се држи настава. Оваа одлука е злонамерна тенденција на Груби да им наштети на тетовските средношколци и да создава непотребни проблеми директно страдаат учениците, оневозможувајќи да имаат основни услови за образување“ – изјави градоначалникот Касами на денешната прес-конференција.