Мицкоски: Струјата ќе поскапува бидејќи ЕЛЕМ не произведува и во ЕЛЕМ се краде, а сметката на крај ја плаќаат граѓаните
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски на прашање при посетата на општина Кисела Вода за коментар околу најавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека е извесно да има поскапување на струјата ова лето, тој одговори дека тоа е очекувано бидејќи во ЕЛЕМ не се произведува струја, туку се краде, а недостатокот што требало да го произведат тие што крадат ќе треба да се увезе, а на крај сметката ја плаќаат граѓаните.
„Струјата ќе поскапува и тоа го зборувам веќе подолг период. Мислам дека и на вас ви дадов едно интервју пред минатата година да поскапи, бидејќи ЕЛЕМ не произведува, бидејќи во ЕЛЕМ се краде, односно денешно ЕСМ. И дека ова што го зборувам е точно ќе ви дадам само два примера. Пред две години, Регулаторна комисија секоја година објавува извештај за работењето на енергетскиот пазар во Македонија и пред две години Регулаторна комисија вели дека Електрани на Македонија произвеле 4,1 терават часови струја. Сега оваа 2021 едвај 3,1, а тоа е 1 терават часови струја помалку или да преведам во бројка тоа е еден милион мегават часови. Ако имаме претстава дека просечните цени на берзите е некаде околу 220 – 225 евра, ако вас таа струја ви недостасува бидејќи овие што произведуваат, наместо да произведуваат крадат, вие мора да ја увезете. Значи во еден момент вие мора да увезете 220 – 225 милиони евра вредна струја и тоа мора некој да го плати. Сигурно јас не очекувам овие што го крадат ЕЛЕМ да извадат од џеб и да платат. Тоа мора повторно народот да го плати, бидејќи тоа им е најлесно нив и они не знаат како поинаку. И како тоа ќе го плати народот? Преку поскапа сметка или преку трошење на државните девизи. Излезе пред некој ден во медиумите една вест дека првиот квартал од оваа 2022 година државните резерви се намалени за отприлика 12-тина проценти во нето износ или некаде околу 400 милиони евра и тоа се пари потрошени токму поради тоа што биле увезени енергенси. Зошто? Затоа што овие не произвеле, а не произвеле затоа што некој крадел. Многу едноставно. Не едноставно туку болно, но многу е едноставно методолошки да се следи сето ова. И на крајот на денот народот повторно ќе ја плати сметката и тоа очекувам на крајот на овој регулиран период што истекува некаде крајот на јуни, веќе од први јули да имаме повисоки сметки за електрична енергија“, истакна Мицкоски.