Лозарите бараат исполнување на барањата од страна на Владата, во спротивно со сите здруженија ќе ги блокираат сите патишта во Македонија, гласот на земјоделецот мора да се слушне!
Денеска здружението „Тиквешки лозаро-овоштари“ организираше протест, при што се блокираше патот Кавадарци – Неготино. Протестот го организираа лозарите поради нерешените проблеми со водата за наводнување во лозарството и неисполнетите ветувања од страна на власта.
„Овој протест по барање на лозарите и овоштарите од Тиквешијата го свикавме заедно со здружението од Неготино, за да си ги искажеме нашите маки. Зошто? Заради тоа што и вие самите телевизии знаете дека пред една недела имавме проблем со водата, која што требаше да се пушти во април месец, но ден денеска се уште не е пуштена. Каналите не се во добра состојба. И за тоа рековме дека за десетина дена порадикално ќе настапиме. И поради тоа денеска се собравме, бидејќи на терен се уште нема вода. Затоа се решивме да вршиме притисок преку јавноста за да се среди состојбата“, истакна член на Здружение „Тиквешко лозаро – овоштари“.
Членот на „Тиквешко лозаро – овоштари“ посочи дека цела Тиквешија нема вода за наводнување.
„Имаме уште едно посериозно барање, тоа е неисплатеното грозје од „Сковин груп“, пред четири дена разговарав со Зоран Шаприќ, директорот на инспекторатот во Скопје и тој ми кажа да за поднесок. Јас за тоа сега јавно ќе го информирам преку телевизии дека за поднесок е доцна, луѓето веќе немаат пари зедено ос „Сковин“ и од „Аневски“ и други винарии, и за тоа Шапуриќ да ги пушти инспекторите во винариите што имаат пари за давање, да го пломбираат виното и цистерните и по еден инспектор да има секој ден дежурен. И во најскоро време директорот на иснпекторатот да си ги викне винариите кои што должат, да се види што должат, што планираат бидејќи некои луѓе почнаа да пуштаат опомени, а некои тужби“, појасни член на здружението.
Тој исто така во изјава за медиуми додаде дека уште од јануари месец барале министерот да ги свика винариите и лозарите на заедничка средба за да се договори околу откупот на грозјето, која количина на грозје се планира да се откупи, по која шекерност, по која цена. Но, за жал до ден денеска таа средба не се случи.
„Најдоцна до недела ако не се преземе ништо по однос на нашите барања, ако водата не се пушти за наводнување, ако Зоран Шапуриќ со министерот не дојдат во Кавадарци за да ги решиме најбрзите и најпотребните работи, ако не се решат тогаш ќе мора порадикално да дејствуваме, да ги блокираме патиштата или заеднички со сите здруженија на цела Македонија сите да излеземе во ист ден и да блокираме. Да направиме парализа, така можеби од власта ќе го слушнат нашиот глас на сите земјоделци“, појасни членот.