Пренџов: Предлагаме до власта конкретни ставки на ДДВ и акцизи да се намалат за да се заштитат граѓаните и стопанството од ценовниот удар
Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, во понеделникот до Собранието на Република Македонија достави два исклучително важни предлог закони.
Со првиот Предлог-закон бараме намалување на акцизата на горивата за моторни возилата за 50% со што значително ќе се намали финансискиот товар врз граѓаните и транспортните компании. Со овие измени, цената на бензинот веднаш ќе се намали за 13 денари, а цената на дизел горивото за 9,5 денари.
Со вториот Предлог-закон бараме до 31 декември 2022 година данокот на додадена вредност за производите за човечка исхрана и за топлинската енергија т.е. парното да бидат оданочени со 0%. Дополнително, бараме и ДДВ-то за електричната енергија да биде 5% и во остатокот од 2022 година, а не само до 1-ви јули оваа година бидејќи тие во законот предвидуваат ново покачување на ДДВ-то на 10%. Значи како што власта предвидува со постоечкиот закон, само со покачувањето на ДДВ ќе плаќаме повисока струја за речиси 5% од 1-ви јули оваа години.
Почитувани,
Ова се барања кои СДСМ и ДУИ во вторникот одбија да се разгледаат на пленарна седница. СДСМ и ДУИ бегаат од дебата за овие предлог мерки со кои значително ќе се намали финансискиот товар врз граѓаните и стопанството. Наместо веднаш да стапат на сила даночните олеснувања кон граѓаните и стопанството тие донесоа дневен ред со несуштински и неважни работи за граѓаните, но истовремено не заборавија да го стават Законот за полиција. Прашувам, што е поважно за граѓаните и стопанството? Дали законот за полиција со кој Оливер Спасовски ќе има можност да унапредува или деградира за цели три скалила вработени во МВР или е поважен животниот стандард на два милиони граѓани и целокупното стопанство.
Почитувани,
Бараме власта да се вразуми и веднаш да почне со превземање на мерки за справување со ценовните шокови што ги имаме и што не’ очекуваат. Власта мора да го намали ударот врз граѓаните и стопанството и токму затоа треба:
- Да ја намали акцизата за горивата за 50%;
- Да го намали ДДВ за производи за човечка исхрана од 5% на 0%;
- Да го намали ДДВ за топлинската енергија т.е. парно од 5% на 0%;
- Да го одложи зголемувањето на ДДВ за електричната енергија за најмлаку 6 месеци.
Почитувани,
На граѓаните и бизнис секторот не им се потребни видео клипови од Илинденска, туку реални мерки кои ќе го намалат финансискиот товар кој е се’ поголем.