Од почетокот на конфликтот убиени се 351 цивил, а реалните бројки се верува дека се поголеми

Бројот на цивили убиени во Украина од почетокот на руската инвазија пред 10 дена достигна најмалку 351, додека 707 се ранети, се вели во соопштението на набљудувачката мисија на ОН. Реалните бројки веројатно ќе бидат „значително повисоки“, пренесува Гардијан.

Повеќето цивилни жртви беа предизвикани од експлозивно оружје со широка област на удар, вклучително и гранатирање од тешка артилерија и мултилансирни ракетни системи, како и од ракетни и воздушни напади, изјавија набљудувачи од Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ОХЦХР).

„ОХЦХР верува дека реалните бројки се значително повисоки, особено на територијата контролирана од владата, а особено во последните денови, бидејќи добивањето информации од некои локации каде што се водеа интензивни непријателства беше одложено и многу извештаи сè уште чекаат потврда“, се наведува во соопштението.