Муцунски: Лошото урбанистичко планирање во Аеродром е минато, почна процедура за бришење на 7 градежни маркици, граѓаните ќе добијат нови паркови, градинки, спортски игралишта и општина со нула корупција
Еден од првите предизвици откако ја презедовме општината Аеродром беше тоа дека во минатите години имало несоодветно урбанистичко планирање. Увидовме дека мора да се запре градбата во централното урбано подрачје на општината и затоа се отпочнати процедури за бришење на 7 градежни маркици токму во тоа централно урбано јадро на општината, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски на денешниот настан „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
Тој посочи дека лошото урбанистичко планирање создало и други проблеми, нема доволно места во градинките, нема доволно простор во училиштата и затоа откако уште во првите 100 дена отпочнат е процес за до крајот на првата година од мандатот да се отворат 2 нови градинки, а до крајот на мандатот предвидени се вкупно 4 градинки. Муцунски истакна дека тоа е многу значајно бидејќи околу 800 деца чекаат место за градинка.
– Три основни училишта беа во критична состојба на раб на состојба да децата треба да одат во трета смена, затоа отпочнати се проекти и наскоро веруваме дека ќе се заврши процесот на доградба и проширување на капацитетите на 3 основни училишта. Образованието и покрај тоа што сме ограничени со поддршката од централната власт, сепак ќе биде наш врвен приоритет, потенцираше Муцунски.
Муцунски нагласи дека кога се прашање младите општината реализира субвенции за новороденчиња, субвенции за првачиња, а работи на проширување на тековните рекреативни капацитети кои ги има општината.
– Нови игралишта, се гордееме со преземените активности во првите 100 дена во СЦ „Марко Божиновски каде уште повеќе ќе работиме на решавање на инфраструктурата. Отпочнати се и постапки за проширување и градење на нови детски игралишта, нови спортски игралишта, изјави Муцунски.
Тој изјави дека се работи и во делот на чистотата, зеленилото, отпочнат е нов проект за управување со отпад, и со имплементација на овој проект Аеродром ќе биде лидер во Македонија во управување со отпад и рециклажа.
– Работиме во делот на инфраструктура. Во првите 100 дена сме изградиле неколку нови улици, но тоа што е важно и сакам да го најавам е дека отпочнавме процедури кои ќе овозможат во оваа буџетска година да има сериозни капитални инвестиции во делот на уличната инфраструктура. Тука посебен фокус ќе имаме во делот Лисиче, Горно Лисиче, Долно Лисиче и населба Лисиче. Тоа е значајно бидејќи безбедноста во сообраќајот станува голем предизвик, рече Муцунски.
Муцунски нагласи дека во првите 100 дена имаше тековни акции за зазеленување, пошумување и се отпочнува со процедури за изградба на нови паркови.
Верувам дека пред летниот период бидејќи во тек се подготовките, каде што избришавме две градежни маркици, веќе во мај или јуни граѓаните ќе добијат нов парк од 5500 метри квадратни. Работите кои сме ги преземале во првите 100 дена создаваат простор општината да има нова динамика на развој. Многу е значајно сите мерки кои ги преземаме заеднички работиме плански за сите критични прашања. Се преземаат мерки за решавање на проблемот со паркингот, имаме градски проблеми кои ги решаваме со Градот Скопје како што е проблемот со дивите кучиња, сме преземале конкретни активности заедно со ЈП Лајка, истакна Муцунски.
Тој додаде дека во делот на услугите на општината веќе е пуштена апликација „мЗаедница Аеродром“ преку која може граѓаните директно да комуницираат со општината.
Да пријавите проблем, да дадете идеја, да може да реализирате услуга во општината без притоа физички да се пријавите, барање за субвенција, барање за поддршка на спортски клуб, пријавување на проект од културата, науката, и работиме да имаме 100% дигитализација на услугите. Работиме на проект и за нула корупција во кој дел е оваа апликација во Општина Аеродром и заедно со странски и домашни проекти работиме на план и методологија, да имаме ефикасна општина, потенцираше Муцунски.