Забрана за движење на камиони на патниот правец Гостивар-Стража и на превојот Пресека

АМСМ информира дека од 18:00 часот се воведува забрана за движење на тешки моторни возила на патниот правец Гостивар-Стража и на превојот Пресека поради обилни врнежи од снег.

Исто така поради врнежите од снег кој се задржува на коловозот се воведува задолжително користење на зимска опрема на регионалниот пат Тетово – Попова Шапка.

На останатите патни правци низ државата сообраќајот се одвива непречено по наместа влажни коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.