Димитриеска Кочоска: Власта им го поскапи животот на граѓаните од секој аспект, платите мора да растат за сите согласно растот на минималната плата и да се применуваат колективните договори

Власта им го поскапи на граѓаните животот од секој аспект, зголемена е цената на електрична енергија, поскапо парно, трошоците секојдневно растат, а да не зборуваме за храната, лебот и житата кои во континуитет растат. Нема некој што е против покачување на минимална плата, но треба да има покачување на сите останати плати затоа што трошоците на граѓаните растат, изјави за „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ.

Сега власта на сите останати на кои не им ги покачи платите бара да се солидализираат. Премиерот има приватна компанија, претходниот премиер исто имаше и тоа повеќе. Зошто тие не се солидализираат добивките и парите да им ги дадат на народот?  Ние побаравме прилагодување согласно минималната плата и на останатите плати согласно коефициентите на сложеност на работата и тоа не само за приватен сектор туку и јавен сектор каде е сериозен проблемот, изјави Димитриеска Кочоска.  

Таа додаде дека власта се фали како да направиле нешто големо, ама нека погледнат што може граѓаните да купат со тие 18.000 денари, додавајќи дека додека СДСМ се фали во Македонија опаѓа продуктивноста.

– Продуктивноста е падната за време на СДСМ и тоа го кажуваат и меѓународни институции и постојано не предупредуваат и власта ништо не презема. Продуктивноста како БДП по вработен во денари, во 2016 година била 601.000 денари, за во 2021 да е 575.000 денари. Значи паднала продуктивноста за време на СДСМ и власта не направи анализа која е причината за падот, а фактите се дека нема инвестиции, се вработува само во јавен сектор, има сива економија, нагласи Димитриеска Кочоска.

Таа додаде дека и јавниот долг вртоглаво расте во Македонија и тој веќе е стигнат на 7 милијарди и 135 милиони евра, што е огромна бројка и се зголемување за 2,4 милијарди во однос на 2016 година и никој не знае каде се потрошија тие 2,4 милијарди евра изминативе 4-5 години имајќи предвид дека ситуацијата  во економијата е катастрофална.

Димитриеска Кочоска истакна ниту продуктивност има ниту инвестиции има, власта како да не живее во Македонија, бидејќи капиталните инвестиции не се реализираат, а по странски инвестиции сме најслаби во регионот.

– Откако е СДСМ на власт состојбата со капиталните инвестиции е алармантна, воопшто ништо не се реализира или е со послаб интензитет. Капиталните инвестиции се нешто што може да се видат со голо око, ама сега не гледаме ништо. Сега сме и на дното по странски инвестиции. Странски директни инвестиции како процент од БДП во 2019 година се 3,2%, 2020 година 1,9%. Од друга страна Косово во 2019 година имале 3,6%, а 4% во 2020 година. Србија има 7,8%,а во 2020 4,8%, сите се пред нас, рече Димитриеска Кочоска.

Постави одговор

Your email address will not be published.