Колку починати треба да има во 24 часа за Филипче да почне да работи сериозно

Рекордната смртност од КОВИД-19 деновиве отвори многу прашања за тоа дали состојбата е излезена од контрола или станува збор за поинаква методологија која се користи во државата.

Оваа недела имаше над 30-тина смртни случаи, со што смртноста во Македонија од вирусот скокна на рекордни 689 починати.

Една од причините, според лекарите, е што пациентите не се носат во болница навреме.

Меѓу починатите оваа недела имаше и млади луѓе. Меѓу помладите беа на возраст од 23, 29 и 44 години. Од Министерството за здравство објаснија дека двете млади пациентки кои починаа биле хоспитализирани поради КОВИД-19 и имале претходни заболувања.

„Точно е дека последните денови е зголемен бројот на починати како последица на ковид-19, и тоа последниве три дена. Претходно процентот беше 6,5, сега е некаде 8. Правиме анализа, не сакаме да дозволиме да имаме преполни болници. Таа анализа ќе заврши на почетокот на следната недела и ќе можеме да кажеме на што се должи и дали треба дополнително нешто да се преземе“, рече вчера министерот Филипче на прес конференција.

Неделава имаше истражување за смртноста од КОВИД-19. Загрижувачки и застрашувачки е податокот дека на листата на држави во светот, според број на починати на милион жители, се наоѓаме на 21 место со 317 починати на милион жители, од повеќе од 200 рангирани земји. Ако се разгледа рангирањето, ќе се види дека од европските држави полоша е состојбата во земјите како Шведска, Холандија, Велика Британија каде немаше воопшто или имаше мали рестириктивни мерки. Во однос на регионот, сите држави имаат помалку починати во споредба со нас. Босна и Херцеговина 221, Албанија 118, Бугарија 105, Србија 84, Грција 30 починати на милион жители. Светскиот просек на починати на милион жители е 120, што значи дека го надминуваме за 2.6 пати.

НИШТО БЕЗ (ДОМАШНА) АНАЛИЗА

Одредени лекари од Македонија забележуваат дека досега не е направена анализа на бројките на починати пациенти која би покажала што е вистинската причина за морбидитет и за смртноста во Македонија.

„Дали тоа е возраста, коморбидитетите, обезноста (дебелината), задоцнетиот почеток на третман, религиската определба, видот на третман. Каков бил третманот и која терапија дала најдобри резултати. Објаснување за смртноста може да се добие доколку се објават овие анализи и резултати“, вели деновиве во изјава за Слободен печат, доктор Игор Николов.

На вчерашната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче призна дека во Македонија доста млади луѓе умираат од КОВИД-19. Станува збор за исклучително тешка болест која што се манифестира во една тешка клиничка форма. Многу често разговараме, практично секојдневно со директорите на сите клиники и болници каде што се лекуваат овие пациенти за апсолутно сите се презема се. За жал има и млади починати, дел од нив се сериозен коморбилитети, ситуацијата е нешто што за жал ја намалува шансата за добар исход, истакна Филипче.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во изминативе денови бара и кривична одговорност за големиот број на починати.

„Ситуацијата со корона вирусот на владата и Филипче им излегува од контрола. Се зголемува бројката на лица кои се носители на вирусот, но и починати. Во изолација се и многу деца“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, покрај зголемениот број на починати лица, капацитетите по болниците во Македонија започнаа да се полнат. Имено за пример е и болницата во Струмица.

Ситуацијата со корона вирусот, во овој град излегува од контрола. Голем пораст на бројот на новозаболени, болницата веќе нема слободен кревет.

Инфективното одделение во Струмица е веќе полно и таму се лекуваат 15 пациенти со полесна клиничка слика, додека тие со потешка се пренесуваат во Скопје.

АЛАРМ ВО СТРУМИЦА

За да се справи со ситуацијата во која секојдневно расте бројот на заболени од КОВИД-19, стумичката болница ќе го повлече отстапениот инфектолог од Штип, но ќе бара и други специјалисти инфектолози од околните градови.

Имено во последните неколку дена во Струмица има над 30 нови случаи на заразени од КОВИД-19, а еден ден беше втор по ред со најмногу заразени, веднаш после Скопје. Меѓу ново регистрираните има и три деца кои посетувале градинка.

Во Струмица, која до скоро важеше за град со мал број на заболени, во последава недела забележа и четири смртни случа на лица позитивни на корона вирусот. Станува збор за претежно млади лица на возраст од 29, 39 и 40 години.

Министертот Филипче, вчера рече дека скоро секаде каде што има нови случаи, превентивните мерки не се почитуваат. Дали од ова изјава на министерот можеме да заклучиме дека растот на бројот на заболени, конкретно во Струмица, се должи на масовните журки по стумичките ноќни клубови, каде што иако на социјалните мрежи постоеја видеа и слики, надлежните органи не констатираа никакви пропусти и не превземаа соодветни мерки.

И покрај ветувањето на министерот дека вториот бран на КОВИД-19 ќе го пречекаме подготвени. Податоците го демантираат Филипче, очигледно е дека најавениот втор бран уште на сам почеток му бега од контрола.

Постави одговор

Your email address will not be published.