AFTERMATH – Македонско возбудливо творештво во новиот музички свет

Дали слушате македонска РОК музика? Сигурно сте запознаени со нашите најпознати музички изведувачи и ги знаете нивните  хитови. Но, пред да се пожалите дека не знаеме да извадиме добра песна и дека неуспешно се обидуваме да ги следиме светските комерцијални трендови, запрашајте се дали сте ѕирнале во светот на една поинаква музичка сцена. Не знаевте дека воопшто постои такво нешто во Македонија? Не само што постои, туку и ја сочинуваат многу талентирани музички изведувачи што создаваат неверојатно квалитетна музика.

Само искрената емоција може да претставува инспирација за создавање на музичко дело, а музичкиот талент е дефинитивно најдобриот Благослов кој може еден уметник да го поседува.

Во продолжение, запознајте се со AFTERMATH , момците од Делчево, кои дефинитивно заслужуваат да станат дел од вашиот редовен музички репертоар…

Иван Тренчевски

Има дипломирано соло пеење (популарни жанрови) на Факултетот за Музичка уметност во Скопје. Иван користејќи го својот талент работел на повеќе проекти на ковери на неколку музички изданија, како и авторска музика од која има издадено и албум насловен (Каде Бегаш) како соло изведувач.

Иван е вљубеник во Македонската РОК музика , а тоа и го докажа  како дел од бендот Ayga (Ајга) во песната Macedonia Forever (Македонија Засекогаш).

Ова младо талентирано момче моментално настапува во неколку  ковер бендови  како LIVESTREAM, THE UNCHAINED, и во AFTERMATH каде се претставува со ковери на странски, македонски, поп, рок и метал музички дела.

AFTERMATH покрај Иван Тренчевски го сочинува и Дарко Тасевски.

Дарко од  своите 14 години свири гитара. Во 2009 година има издадено инструментален класичен албум, а сега работи на рок блуз инструментален албум во кој наскоро ќе можеме да уживаме.

Тасевски заедно со Иван соработува од кога ја објавија песната “Македонија Засекогаш” под името Ајга, а моментално свират по клубови акустика под името AFTERMATH.

Имавме шанса да поразговараме со двајцата талентирани музичари од Делчево, еве како овие момци гледаат на музиката и нивната работа во овој правец:

Иван каде повеќе се пронаоѓаш?! Како ковер или како авторски изведувач?

  • „Секој артист е водич на своите искуства, својот живот и своите влијанија, и треба да ја раскажува својата приказна, а не да биде  следниот кој било. Не е лесно да се биде свој, меѓутоа јас отсекогаш сум сакал да бидам авторски изведувач. На крајот на краиштата, зошто би сакал да бидеш некој друг освен себе!?“, изјави Иван

Што можеме да очекуваме од твоето студио?

  • „Очекувајте возбудливи нови творештва како и преработки,  влегуваме во нови музички светови, на кои веќе работиме во студио! Очекувајте една добра РОК балада на Македонски јазик која сигурно ќе ви се допадне“, ни откри Иван.

Дали твоите музички соништа се на патот да станат реалност?

  • “ Секој млад музичар треба да се бори за ’спасот’ на својата музика, но сигурен сум дека треба да се бори за тоа да даде се од себе за да успее во тоа. Танцот помеѓу песната и артистот, кој кулминира со нивната средба – го нарекувам инспирација. Мојата работа како артист е да бидам што почист и поискрен инструмент, за песната да може да заврши како што наумила преку мојата интерпретација. На пат сум кон  единствениот мост помеѓу соништата и реалноста. Доколку не ти се исполнуваат соништата – значи дека недоволно работиш на нивното остварување. Толку е едноставно“,

Дали ќе продолжи твојата соработка со други бендови?

  • „Се надеваме на посилна соработка помеѓу бендовите, подобри услови, поголем медиумски простор за алтернативната сцена и уште поголемо разгорување на жарот кај младите за создавање авторска музика“, одговори Иван.

Дарко Тасевски смета дека Музиката е неизлечлив вирус , кој е корисен во овие сиви времиња, и тој додава :

  • Рокенролот и металот отсекогаш биле бунтовнички правци, ние само треба да го следиме она што е поставено како основа во раните 60-ти и да се надоврземе на тој непрекинат, исклучително квалитетен и креативен процес, секако со наши дела, коишто се надеваме дека ќе бидат препознаени од вистинските љубители на таквата музика. Најголем дар е кога ќе скрои дело коешто ќе остане засекогаш врежано во историјата, а доколку сето тоа биде признаено и допира до одредена публика којашто ќе го почитува сето тоа, тогаш може слободно да кажеме дека сме успеале да створиме нешто во животот – објаснува Тасевски.

Се надеваме дека успеавме барем малку да ви ја разоткриеме алтернативната музичка сцена во Македонија иако станува збор за огромна ризница на неоткриени и занемарени богатства. Слушајте квалитетна македонска музика, поддржувајте ги локалните бендови и секогаш бидете отворени кон нови искуства и знаења.

AFTERMATH  – Иван Тренчевски и Дарко Тасевски ве очекуваат на свирка! Уживајте во нивната нова преработка: