Јасмина Трајановска – “Тажачка за непобедените” (ИЛИНДЕН 1903-1944-1991)

Ах Ти! Гласу Македонски! Крик- громогласен! Земјо на мајки Македонски, со рожба херојска, и грст зачнати предавници. Израснати јунаци но и клетници. Пространа земја која криела комити, до ден денес, од своите- на камен налегнати. Облечени, а голи, како отфрлени новороденчиња. Преполни со храброст а угнетувани од птици-грабливци. Крв која врие на тивко, за пополека да се претвори во пареа од чија што боја ќе се роди слободарската мисла. А не смееш глава да подигнеш, оти ѓаволот најмногу во братот македонски е влезен, оној врз азно што легнал, а воздухот-маглиште околу него станал. Стапала крварат за чедата дома, си ја гледаш сопствената крв која мириса на ропство: Карпалак, Вејце, Љуботен, Мечкин Камен-секој камен!

Тука народе плачат старите икони, со својата скаменета тишина, оставиле аманет да научиме, да раскажеме, на сите генерации. Во 1903-та година и Македонскиот народ сам пред една цела империја. И реакционерните монархии кои брутално се мешале во македонските работи, поттикнувани од поробителските стремежи кон Македонија. Илинденскиот крвопис пред време прегорен а по волјата од бугарскиот дворец и наспроти потребата на првоапостолите на македонската револуција. Не од желбата да му се помогне на македонскиот народ побрзо да се ослободи, туку да му се нанесе удар на македонското ослободително движење, во слава на бескрајната врева пред портите на надворешниот свет.

Ништо не е променето ниту денес. Македонија започнала да живее како слободна и рамноправна единица во новата федеративна Југославија што се раѓала. Со тоа се остварила вековната желба на нашиот народ за слобода.

Се воздигнало делото на старите илинденци, продолжено со таква енергија и себеодрекување од нивните наследници, од младите борци и партизани, во 1941 г. Правото да одлучува за сопствената судбина македонскиот народ го искористил во 1991 година кога на референдум со огромно мнозинство се изјаснил дека сака да живее во независна држава која ќе се вика единствено Република Македонија. Факт кој некому треба повеќе пати да му се повтори. Тоа била јасно изразена народна волја, јасен одговор на сите негирања, без разлика на неодлучноста и определбите на дел од тогашниот политички врв. Иако изминаа години, децении, дури повеќе од еден век, од првиот слободарски оган, македонскиот народ никако да заборави на аманетот на првите гласници на вистината дека само единствени и сложни можеме да ги надминеме сите препреки кои ни се на патот. Сите заедно, без разлика на пол и убедување, сите што живееме под ова Македонско сонце.

Но проклетството опстои и понатаму: Македонија се бори против своите продадени чеда негатори. Илинден, е камен меѓник на чија цврстина и нерамнини се вкрстуваат минатото и иднината на Македонија, безвременска точка од која на реален начин можеме да ја оцениме сегашноста низ призма на жртвите и влогот на генерациите пред нас.

Илинден е народна меморија која на најдобар начин нé опоменува дека Македонија е нашата најголема и најзначајна партија, нација и вера. ВМРО- самото име декларативно кажува дека станува збор за ВНАТРЕШНА (пред се) МАКЕДОНСКА (на Македонскиот народ) РЕВОЛУЦИОНЕРНА (со револуционерна борба) ОРГАНИЗАЦИЈА и секакво влијание од страна на немакедонски елементи кои со политикантски интриги сакаат да влијаат на политичката определеност на членот на оваа организација, е загрозување на сопственото убедување и изневерување на основните принципи на организацијата. А со својата суштина овие свети четири букви прават безвременска верига на непрекината борба, за човечко достоинство, слобода и напредок. Паролата СЛОБОДА ИЛИ СМРТ е родена од страдањето на народот кое веќе било толку неподносливо под власта на туѓите чизми што помила им била смртта, од самиот живот исполнет со страдање.

Кога Св. Илија ги токмел Огнените кочии за пат кон небото, не мислел дека зад себе остава потомство- следбеници кои во негова слава ќе сакаат да допрат до Бога, преку славата на животот и слободата. Во срцето на светот каде сонцето грее најсилно, во срцата на овој Божји народ слободата е единствената логичка награда. Ништо повеќе и ништо помалку. И така стана. Утрото на денот кога Свети Илија се вознесе на небото при Бога, Македонскиот народ тргна да ја прегрне смртта.

Во грчевит извик за слобода или смрт. Потече река слободољубив народ кој создаде иднина со својот крик: “Подобро ужасен крај отколку ужас без крај”! Рамо до рамо горостаси родени од најплодните полиња во светот, од ладот на најладните сенки на китните шуми заминаа да го прегрнат сонцето. Зошто неговата светлина и топлина само тие можеа да ја прегрнат во своите гради. И во нивните срца да се роди немир кој ќе ќе го разбранува ова бескрајно море, но во своја полза за првпат после толку векови.

Денес, Македонија повторно се соочува со наметнат проблем од некои соседи, и лекомислени и алчни македонци. Македонскиот народ го чекаат нови предизвици кои имаат за цел да го раздвојат македонското национално ткиво. Разни структури, домашни и од надвор, работат на разбивање на единството на македонскиот народ.

Но, трите Илиндена, како темел на постоењето на македонската државност, никој не може да ги разруши.
И таму некаде во овој бескраен круг на непрекината борба рамо до рамо горостаси стојат со челото вперено кон хоризонтот, го чекаат новиот сончев бран, новата огнена кочија на светецот Илија, за што побрзо да се качат и да јурнат во прегратка на вистината.

Автор: Јасмина Трајановска