Часовите ќе траат 20 минути, учениците од септември со маски се враќаат во клупите

Учениците ќе се вратат во училишните клупи. Со маски и вршејќи редовна дезинфекција на рацете и со часови кои ќе траат по 20 минути. Вака ќе се одвива наставата од септември.

Ако една паралелка има поголем број ученици, тогаш ќе биде поделена во две групи, а наставата ќе ја држи истата наставничка. Ова е еден од начините на кој ќе се реализира учебната година од септември, изјавила заменик-министерката за образование, Елизабета Наумовска.

Ако во некое одделение има деца со хронични болести, тогаш тие наставата ќе ја следат онлајн. Се разгледува можноста како да се реализира тоа.

Другиот модел е комбиниран. Ова овозможува – во случај училиштата да немаат доволно простор, одделенијата да се поделат во две групи. Во тој случај наставата ќе биде комбинирана.

Моделите нема да важат за целата држава. Ќе се дефинираат според општини и според стапката на заразеност од Ковид-19. Ова значи дека ако во една општина има мал број позитивни случаи на коронавирус и училишта со мал број ученици, тогаш наставата ќе се одржува во училиштата.

Се изготвуваат протоколи и за средношколците, за патувања од еден во друг град и за сместување во интернати. Сите детали ќе бидат дефинирани в петок на состанокот меѓу претставниците на МОН и членовите на Комисијата за заразни болести. Сите одлуки ќе бидат донесени пред 15 август пред наставниците да се вратат од годишен одмор. Меѓу наставниците кружи информација – во школските клупи да се вратат и основците од прво до четврто одделение, а учениците од петто до деветто наставата да ја следат онлајн. Но, Наумовска овие наводи ги нарече шпекулации.

Постави одговор

Your email address will not be published.