Антонио Милошоски – Дополнувањата на Статутот на ВМРО ДПМНЕ претставува модернизација и внатрепартиска демократија

Дополнувањата на Статутот на ВМРО ДПМНЕ од страна на Централниот комитет претставуваат негова модернизација и заслужуваат да бидат поздравени, пишува на социјалната мрежа на Фејсбук пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

-Значаен чекор напред во непосредната внатрепартиска демократија е воведувањето на непосреден избор од страна на членството на идните кандидати за општински советници, и идните кандидати за градоначалници. Минатиот труд, личниот углед, довербата кај членството и капацитетот на кандидатот да се носи со обврските на овие позиции ќе добијат на тежина.

-Ограничувањето на мандатите на Претседателот на партијата и претседателите на ОК е нов значаен исчекор, со кој за прв пат актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ става до знаење дека долговечноста на партиската функцијата не е цел сама за себе, туку дека партијата има доволно ресурси за редовно освежување на кадровските постави. Ваквиот циклус ќе внесува нова внатрепартиска динамика и кадровски натпревар, што ќе биде значајна демократска алатка за мотивација на активните членови.

– Формирањето на Форум на интелектуалци како и Унија на ветерани е многу корисно бидејќи овие две тела се очекува да го зголемат опсегот на делување во рамките на своите целни групи и од истите да се добиваат корисни идеи, проекти и совети.

– И за крај, во рамките на секоја партија или држава, сосема доволна чест, обврска и престиж е некој да биде претседател на партијата, на државата, на владата, градоначалник или министер, па затоа титуларните функции “почесен претседател, почесен градоначалник, почесен премиер” и слично, немаат некоја суштинска кадровска улога и подобро е за секого честа да си ја задржи кај членството и граѓаните, наместо истата да биде врамена во плакета, вели во својата објава Милошоски.

https://www.facebook.com/antonio.miloshoski.9/posts/3635351279827458
Постави одговор

Your email address will not be published.