Професор Јачева – Улчар со јавен проглас
На својот Фејсбук профил Професорката Елка Јачева – Улчар се огласи со јавен проглас, во како што самата вели, овие судбински денови за европската иднина на нашата татковина, кога сме длабоко загрижени поради фактот што таа станува заложник на апсурдните барања на Република Бугарија, одлучивме да се обединиме во мислата и во зборот за Македонија.
МАКЕДОНИЗМОТ Е ЛЕГИТИМНА ЕМАНЦИПАТОРСКА ИДЕЈА. ЧУМУ Ѝ Е НА ЕВРОПА ЕДНА РАЗМАКЕДОНЧЕНА МАКЕДОНИЈА?
Прогласот го пренесуваме во целост, со молба и желба дека ќе биде пренесен и потпишан од што повеќе македонци:
Почитувани граѓани на Македонија,
Во овие судбински денови за европската иднина на нашата татковина, длабоко загрижени поради фактот што таа станува заложник на апсурдните барања на Република Бугарија, одлучивме да се обединиме во мислата и во зборот за Македонија.
Секој од нас има сопствени погледи за тоа каква Македонија сакаме. Многу често не се согласуваме, ги биеме битките секој на свој начин, како што, впрочем, и му доликува на едно демократско општество. Во овие мигови, кога нашата татковина се соочува со ултиматуми, чијашто цел е ревизија на националната и на културната историја на македонскиот народ, а индиректно и на темелите на современата македонска нација, кога се блокираат евроинтегративните процеси, кога стравуваме дека неодговорното поведение на внатрешните, македонски политички фактори, ја удвојуваат таа опасност, нема сомнение дека се наоѓаме пред уште еден клучен историски предизвик.Поради тоа, дојдено е времето да се сплотиме сите заедно и да застанеме еден до друг, а не еден наспроти друг. Време е да се обединиме, водени од промислата за опстанокот на нашата татковина.
Нашата татковина Македонија е европска земја. Таа лежи во срцето на Балканот, на просторот каде што, всушност, е родена современата европска цивилизација. Истовремено, Македонија е и крстопат на цивилизациите, феномен што остава траен и неповторлив белег на нејзиниот идентитет. Никој нема право, во име на сопствениот национален и државен интерес, да прави тенденциозна интерпретација на историските факти и на севкупното балканско и европско историско минато, злоупотребувајќи ја привилегијата што ја овозможува членството во европското семејство. Никој нема право да ѝ ја одрече на Македонија нејзината европска иднина и да ја спречи во нејзиното интегрирање во составот на Европската Унија.
Современата македонска држава, создадена кон крајот на Втората светска војна, почива врз истите темели и врз истиот вредносен систем врз којшто е изградена модерна Европа. Затоа ние со гордост и без предрасуди зборуваме за антифашизмот, за универзалното право за самоопределување на народите, за почитувањето на суверенитетот и на интегритетот на државите, за отфрлањето на хегемонизмот и на територијалните претензии, за заштитата на човековите слободи и права и за другите вредности на модерна Европа. Своето осамостојување во 1991 година, нашата татковина го круниса со јасно изразена волја на граѓаните за европеизирање на земјата, идеја која малку подоцна созреа и во формална апликација за нејзино пристапување кон Европската Унија. Тоа е природен развој на македонската држава, а не наметнат политички проект.
Македонија, токму затоа, не може и не смее да прифати цената за добивање датум за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија да биде разнебитување на историски заокружениот легитимен процес на конституирање на македонската нација и нејзиното размакедончување.
Македонија не може и не смее да прифати концепт на бугарски корени на македонскиот народ и нација. Наводниот бугарски историски идентитет на Македонците не е и не може да биде основа на новиот европски идентитет на државата.Македонија не може и не смее да се согласи со опцијата составен и базичен дел од европската преговарачка рамка со Македонија да бидат рамковната позиција на Министерскиот совет на Република Бугарија од 9 октомври 2020 година и Декларацијата на Народното собрание на Република Бугарија од 10 октомври 2020 година, затоа што со овие два документа се негираат посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и другите национални одлики на македонската култура. Таквите уцени не се европска вредност и затоа треба да бидат изземени од преговарачкиот процес за евроинтеграцијата на нашата држава, како штетни и ирелевантни.
Македонизмот и Македонија не се ретроградни феномени. Напротив, македонизмот е еманципаторска и обединувачка идеја, а нејзината реализација е фактор на мир и стабилност во регионот и во Европа. Нема разумна причина да се тврди дека македонизмот внесува неспокојство кај другите балкански народи, вклучувајќи го и блискиот и пријателски бугарски народ. Европската Унија познава повеќе примери на народи кои во историјата имале допирни точки, но тоа не било причина да се негира автентичноста и посебноста на секоја национална култура. Современа Македонија, во историска смисла, не е нечиј недовршен политички проект.
Базирајќи се врз своите длабоки историски корени и на силните пројави на македонизмот во периодот на конституирањето на модерните европски нации, изворниот суверенитет на Македонија е потврден и конституционално дефиниран во текот на Втората светската војна. Таа е меѓународно легитимиран ентитет уште од основањето на ООН.
Сознанијата на општествените, на хуманистичките и на културолошките науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и за неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, се неспорни. Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективната меморија, менталитетот, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на определен географски и историски простор на којшто се легитимирала идејата за создавање македонска нација.
Македонија не може и не смее да ги отфрли утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и на меѓународното право, кои недвосмислено покажуваат дека македонскиот јазик е словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, со првиот и најстар писмено фиксиран јазик – старословенскиот, чиј канон почива врз словенските говори од три села во околината на Солун (Сухо, Висока и Зарово) од средината на 9 век, и од чија македонска црковнословенска варијанта, застапувана од двете средновековни книжевни школи во Македонија, Охридската и Кратовско-злетовската, низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на Македонците. Оттука, македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други, и не само словенски јазици ̶ има свој просторен и свој временски континуитет.
Македонија не може да се согласи да ги премолчи жртвите, страдањата и другите последици од фашистичката окупација од 1941 до 1945 година, како и историскиот факт дека во неа учествува и тогашната бугарска држава. Препознавајќи го како значаен и историскиот факт дека кон крајот на Втората светска војна Бугарија се приклонува кон антифашистичката коалиција, а изразувајќи длабоко несогласување со виктимизирањето на повоените генерации граѓани на европските држави чиишто влади во тие години застанале на погрешната страна на историјата, укажуваме дека Македонија не може да усвои некаков ретуширан наратив за овој трауматичен историски период.
Македонија не може и не смее да прифати договор со кого било, со содржина која ќе предизвика длабока криза, а на идните генерации ќе им остави во наследство идентитетска девастација. Нашата наука напредува и ги демистифицира предрасудите наследени од минатото. Таа храбро се соочува со објективните факти и со научната аргументација, но ја има предвид и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности. Споделените места на меморија на балканските и на медитеранските простори подразбираат инклузивен однос а не ексклузивно присвојување на историјата и на традицијата, интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии.
Разговорот за посебното и за заедничкото во историјата не смее да се води врз основа на културен и историски хегемонизам, а најмалку пак под политички диктат и вакви груби уцени, на какви што е изложена нашата татковина.Македонија е подготвена да ги почитува правата на сите етнички заедници, врз основа на сопственото демократско устројство и искуство и во согласност со највисоките европски стандарди, кои се обврзувачки за сите членки на Европската Унија. Во таа смисла, немаат никаква основа сомнежите дека граѓани на Македонија кои се декларираат како Бугари по потекло ќе бидат дискредитирани и дискриминирани.
Обратно, постои веќе востановена практика на непризнавање и дискриминација на бугарските граѓани кои се од македонско етничко потекло, за што сведочат многубројни европски документи и реакции, како и бројни документи од поблиската историја на Бугарија, кога таа има признато културна автономија на Пиринска Македонија и на бројното македонско малцинство во Бугарија. Во билатералните односи треба да биде неприкосновено начелото на реципрочен однос во решавањето на чувствителните прашања.
Обединети во промислата за Македонија, како граѓани на Македонија, но и заедно со Македонците во дијаспората, ги повикуваме и ги охрабруваме надлежните институции да ги продолжат разговорите со претставниците на земјите членки, како и разговорите за отстранување на пречките што ги поставува Република Бугарија за почеток на преговорите меѓу нашата држава и Европската Унија.
Имајќи ја предвид Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, едногласно усвоена од Собранието на 29 јули 2021 година, ги охрабруваме Претседателот на Републиката, Собранието на Републиката, Претседателот на Владата, јавните институции, МАНУ и научните, образовните, културните и уметничките институции, граѓанските организации и медиумите, да дадат свој придонес за деблокирање на евроинтеграцискиот процес, врз основа на интензивен дијалог, врз рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.
Апелираме процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од македонска страна за исполнување на критериумите за членство, при што треба неизоставно и безусловно:
– да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на ООН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи; – да се почитува слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност;
– да се почитува волјата на македонските граѓани, припадници на македонската Република, да живеат во цивилизирани добрососедски односи и да ја продолжат практиката на соработка меѓу културните, научните, образовните, религиските и економските институции, и
– да не се создава конфликтен амбиент во Македонија, да се зачува мирот и слободниот развиток кој подразбира просперитет, алтернатива, демократија и достоинствен живот, вклучително и љубов кон сопствената татковина и држава.
Согласно со духот и словото на ова наше обраќање, испраќаме пријателски поздрави и до граѓаните на Бугарија, до бугарската јавност и до бугарските интелектуалци, изразувајќи подготвеност да започнеме дијалог, со единствена цел за нештата за кои имаме блиски, но и различни, па дури и спротивставени ставови, да разговараме и да дебатираме цивилизирано, отворено и без предрасуди, водени од мислата дека на тој начин можеме суштински да придонесеме кон подобрувањето на односите меѓу нашите две земји и нашите два народа.
Во Скопје, 13 јануари 2022 година
Линк до постот: