Фолиите во кои беа пронајдени 350.000 евра не се контаминирани, тврди вештак на МВР

На денешното рочиште во предметот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, обвинет за прикривање имот и перење пари, вештак на Министерството за внатрешни работи изјави дека ДНК-материјалот пронајден на фолиите во кои биле завиткани 350.000 евра, пронајдени во ѕид од куќата на родителите на Ристов, не е контаминиран.

Со ова, вештакот ги отфрли тврдењата на одбраната, која претходно посочи дека при вештачењето на еден од експертите му се скинала ракавицата, поради што, според нив, дошло до секундарен пренос и контаминација на ДНК-доказот.

На рочиштето беше презентирана и електронска комуникација од мобилен телефон, одземен во друг кривичен предмет, поврзан со група обвинета за проституција и трговија со дрога. Во судницата беа прочитани пораки со Гани Туша, обвинет во случајот „Беланоца“, кои, според обвинителството, се однесуваат на притвори и гаранции за кои одлучувал Апелациониот суд.

Според обвинителството, оваа комуникација упатува на договарање на судски одлуки меѓу обвинети лица и лица надвор од постапката.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK