Јаневски: Не барајте повисоки плати и пензии, ги вознемирувате министрите!
Прво се јави Фатмир Битиќи со изјавата дека струјата ќе поскапи. Потоа Бектеши рече дека струјата немало да поскапи. За на крај да најдат „компромис“ и да кажат дека струјата во исто време и нема да поскапи и ќе поскапи. Ама само во третиот и во четвртиот блок, односно за оние кои се „луксузирале“ трошеле многу, пишува новинарот Дарко Јаневски во колумна за „Денешен.мк“.
И потоа дојде вселенската владина лага, според која, во тие „многу“ спаѓале само два отсто од населението во Македонија. Што би значело дека 98 отсто од населението во РМ троши помалку од 600 кв/ч (што е долната граница на третата тарифа) што е одвратна манипулација, бидејќи најмалку 40 отсто од граѓанството на „Cеверна“ се грее на струја и не постои можност во текот на зимата да не влезат барем во третата зона, а тука некаде блиску се и до четвртата.
Всушност, таква можност – да останете во првите две тарифи, а да се греете на струја на што сте приморани зашто државата не ви дала друга можност – постои, но под услов да се топлите со греалка на „единица“, да не вклучувате болјер за капење, машина за перење облека, да не топлите вода за миење садови (најдобро е на чешма надвор и наместо детергент да употребувате пепел или песок), да не готвите на шпорет на струја и се разбира, да немате фрижидер. Што е сосема нормално за европска Северџанија, бидејќи надвор и онака е студено, па храната, доколку ја имате, не мора да се чува во фрижидер кој троши струја, туку на тераса или пред врата. Ќе ја ставите во ќеси, нив ќе ги врзете со некое јаженце и ќе ја закачите на повисоко за да не ви ја соберат уличните мачки и кучиња.
И да, да не заборавиме, да имате запалено сијалица само во една соба, и тоа од 40 вати. Колку да трепка.
Сето ова, заради штедење, подразбира да живеете со вашите родители, па така во една соба да ја поминете зимата – дедо, баба, мајка и татко и децата, односно три генерации да делат 20-тина м2 во текот на целата зима. Што е „луксузен“ европски стандард – најмалку шест лица во една соба или по 3-4 м2 по човек.
Се разбира, ништо од ова не важи и не вреди, ако потоа сето тоа не го сликате и не го објавите на ФБ, како добар пример за лојален граѓанин на оваа држава кој ги слуша советите на министрите за штедење струја и им дава пример на другите. Тоа е шлагот на тортата – се греете на греалка пуштена на единица, но само по еден час, па потоа еден час пауза и штедење, па ја пуштате одново… и така до спиење, не се капете, не се перете (ако детете случајно ја извалка облеката, удрете му ќотек, за памет), а чиниите и не мора да се мијат туку може во нив да се јаде врз остатоците од претходното јадење. И живеете чекајќи вашите родители да умрат, за да може да добиете малку повеќе воздух во собата. Оти нели, сите еден ден ќе умреме, порано или подоцна, па зошто тогаш да се чека!? Како вели поговорката – што можеш да направиш денеска, не оставај за утре. Така и со умирачката на вашите родители. Ако можат да умрат денеска и да ви ослободат малку простор, зошто да чекаат до утре? Посебно ако пензијата им е 12 000 денари, па не им стигнува само за лекови, а не пак да ви помогнат.
Е тогаш, сте исполниле едно поглавје од преговорите за ЕУ кои досега ги почнавме неколку пати, а допрва треба да ги почнеме уште еднаш. Што ќе ве направи вистински Европјани, рамни на Холанѓаните, Данците, Германците и да не ги набројувам сите други.
Кон ова треба да се додаде и наклонот кон Битиќи кој порача дека ако ги зголемат платите за 10 или 15 отсто на овие што протестираат, тогаш истото ќе го побарале и другите, па ќе требало и ним да им ги зголемат примањата. Па најдобро е на ФБ да објавите среќно селфи со вашата платна листа од 20 000 денари и на тој начин уште еднаш да покажете лојалност кон државата. Ни на крај памет, при тоа, не смее да ви падне дека пред само неколку месеци истиот тој Битиќи се „омрси“ за 78 отсто повисока плата, а неговиот шеф Ковачевски, после неколкумесечни лаги, сега кажа дека функционерските плати немало да се намалуваат. Што не треба да го расипе вашето расположение и идејата за среќно селфи на ФБ со вашите 20 000 месечно, греалката на „единица“ и храната закачена на сиџимче надвор од куќата. Со порака кон тие што протестираат: „Седете дома, не протестирајте, не барајте повисоки плати и не го реметете мирот на нашите функционери!“
Би било пожелно на селфито да биде и целото ваше семејство, заедно со децата кои се сиромашни, со неиспрана облека, неискапени цела недела, со скинати чевли и панталони на колената, ама среќни и весели! За разлика од функционерските деца кои се богати, најадени, испрани, облечени во брендирана облека од која едно парче чини колку вашата плата или пензијата на вашите родители, ама несреќни, оти, нели, не е се во парите. Еве прашајте ги оние жени кои со бебињата просат по скопските раскрсници. Колку ли пак среќа има во нивниот живот, дури и во споредба со вас, за разлика од несреќата на функционерските и олигархиските деца!?
Зашто, како што реков, не е се во парите. Ама тоа го знаете вие, а не и државните функционери кои се уште не стигнале до тој стадиум од развојот и до таа животна мудрост. Затоа ним им треба многу, затоа им треба топла вода во болјерот и кујната, затоа им треба фрижидер и затоа им требаат многу пари. Единствено што не им треба е шпорет бидејќи се хранат за речиси без пари во владиниот и собранискиот ресторант. Но со вас не можат да се мерат. Оти вие сте среќни, а тие не! Вие сте сиромашни, не знаете како ќе се прехраните, за вашите деца новогодишните пакетчиња ќе бидат мислена именка, живеете во студена соба, ама среќно и весело.
Затоа, нема потреба од протести и нема потреба од барања за повисоки плати и пензии со кои ги вознемирувате Битиќи и Ковачевски, зашто вие и без тоа живеете среќно и ги немате маките на владините министри. Белким не сакате да бидете како нив, пишува Јаневски во колумната