Клековски: Трендот на новопријавени случаи во Гостивар не опаѓа, дневно до 300 лица со стомачни тегоби
Трендот на новопријавени граѓани со стомачни тегоби во Гостивар не опаѓа и во последните 24 часа имаме нови пријавени. Бројката се движи околу 250 до 300 случаи дневно. Вчера имаше сто на детското одделение и 160 на Инфективниот оддел. Денеска имаме слична бројка на детското одделение и околу 200 на Инфективниот оддел, изјави министерот за здравство Сашко Клековски. Тој рече и дека анализите на водата ќе бидат готови утре, но и важни се епидемиолошките анкети што ги даваат граѓаните за да се утврди точниот причинител за епидемијата.
-Денеска е прогласена епидемија и морам да кажам дека ние ги спроведовме мерките што се предвидени за епидемија пред да се прогласи епидемија. Во Македонија сме имале епидемии на морбили или за слични болести, меѓутоа не најдов за труење од вода или од храна. Клиничката слика во основа генерално е лесна. Стомачни проблеми со дијареја и повраќање, ретки со температура и со знаци на треска. Генерално сите се со дехидратација и во основа тоа што го добиваат како здравствен третман е рехидратација, инфузија и терапија според симптомите што ги имаат. После примена на инфузија се испуштаат дома, малкумина се задржуваат. Ми се чини вчера беа три деца што се задржани преку ноќ, а денеска се неколку возрасни пациенти задржани и тоа се генерално возрасни пациенти со други болести, каде што заради претпазливост и дехидратацијата се задржани во болница, рече Клековски во гостувањето на Сител ТВ.
Тој истакна дека во делот на здравствените мерки сите афектирани пациенти се прифаќаат во општата болница во Гостивар, ги имаат сите неопходни лекарства во болницата.
-Со ротација на лекари од останатите оддели, во болницата се покриваат здравствените потреби на загрозените таму. Во однос на истражувањата се прават лабораториски неопходните лабораториски истражувања, се упатуваат пациентите на истражување на фецес, се земаат сите неопходни анализи и се покануваат на епидемиолошки анкети. Бидејќи во основа може да се воспостави врската помеѓу пациентите и со можниот извор на проблемот, рече Клековски.
Во однос на тоа дека иако поминаа три дена откако случајот излезе во јавност и препораки да не се пие водата, а се уште има нови случаи, тој рече дека се важни епидемиолошките анкети за да се утврди точно причинителот.
-Имав забелешки зошто сум ја спомнал храната вчера на прес од Гостивар. Ние мораме да пристапиме со сите можности отворени, а не веднаш да прогласиме виновен. Во демографијата и географијата на загрозените има од најмали деца до највозрасни луѓе. Има од повеќе населени места кои меѓудругото користат и други водоводи, не само овој гостиварски, има Чегране или Дебреше или други населени места и поради тоа е неопходно да се прават тие епидемиолошки анкети. Јас реков дека гледајќи ја демографијата, гледајќи ја географијата, бројката, се исклучува алиментарна инфекција. Мораме да бидеме претпазливи, а не да скокаме во заклучок, бидејќи кога ќе скокнеме кон заклучок, нема да ги направиме неопходните истраги да најдеме навистина што се случува. Посебно што ова во Гостивар не е првпат. Во 2017 имаше слична состојба со неколку стотици заболени и причинителите не се најдени. Мојот настап беше дека според сегашните епидемиолошки податоци храната како можност е исклучена алиментарна, гастроентероколит е исклучен. Значи, за да се потврдат другите опции мора да завршат истрагите што ги води Институтот за јавно здравје, рече тој.
Клековски рече дека анализите на водата ќе бидат готови утре.
– Пристапуваме со максимална одговорност и не сакаме да избрзуваме со заклучоци. Анализите на Институтот на јавно здравје се по барање на Јавното обвинителство. Во основа резултатите ќе ги соопшти Јавното обвинителство, нагласи Клековски.
Во однос на тоа дали приклучувањето кон пумпите е главната причина за епидемијата, тој кажа дека веќе има препорака таа вода да не се користи и оти сомнителните пумпи се надвор употреба веднаш штом е констатирана состојбата.
Comments are closed.