Римскиот квестор (окупатор) на Македонија, Гај Тамиј Публилиј, (148 – 146 пр. н.е.) ги имитира монетите на последните кралеви Филип V и Персеј. Вакви монети се откриени на археолошкиот локалитет Старо Бонче пред дваесеттина години, а денес се наоѓаат во збирката на Филозофскиот факултет при Институтот за историја на уметноста и археологија во Скопје.
Да, всушност, во 168 год. пр. н.е ја поделиле Македонија на четири дела (meris, regiones) и главен град на Mакедонија IV e Пелагонија, за кој се претпоставува дека се наоѓа во близина на денешениот археолошки локалитет Старо Бонче во Мариово.
Инаку, ова имитирање од страна на Римјаните се должи на две работи: 1) пред народот се приспособуваат/камелеонизираат, од една страна, велат: ние ве ослободивме од робството под вашите кралеви – сега сте слободни и 2) од друга страна, го продолжуваат ставањето на дабовиот венец – јунакот Персеј, суровицата на Херакле, ликот на Зевс, во смисла: ние сме продолжувачи на вашата среќа.
Всушност, во овој наратив е втемелена менталната матрица на окупаторот, во содејство со предавникот на колективот, која може да биде од различна природа: верска, етничка, расна… Може да се каже дека ова е и прототип за сите идни општествени движења од овој вид.
Кога би го поместиле овој прототип дваесеттина века подоцна, на истите простори, доаѓаме до моментот кога во името на народот, како прогресивна мисла и вечна благосостојба, се национализираше приватниот капитал, недвижен и движен, оправдуваќи дека е стекнат со злоупотреба на трудот од граѓаните/селаните. Така, дури и именката буржуазија во тој момент од историјата доби подбивно, пејоративно значење. Но не се застана таму, се отиде чекор понатаму, па се обидоа да ја национализираат и мислата, со современ речник кажано – слободата на говорот. Така, доаѓаме до метафорично пренесување на втората цел на Гај Тамиј Публилиј: ние ве ослободивме од робството под вашите кралеви – сега сте слободни.
Но, притоа, ослободителите, потиснувајќи ја и мисловно и физички прогресивната енергија, си се воспоставија и како апсолутна материја и како апсолутна мисла. Таквиот начин на однесување е воспоставен кај левиот политички блок во Македонија, кој со текот на времињата ги менува своите имиња од КПМ во СКМ – ПДП, па сега во СДС (се надевам сè уште М). Но немајќи суштина, а за да опстои веќе воспоставената материја и мисла, како нужна последица се јавува вазалството. Па, така, независно кои балкански или европски тежишта на моќ имале можност да ги креираат историските процеси, тие, немајќи сопствена содржина, се приклонуваат кон соодветните тежиштата на моќ. И што е многу интересно овде, воопшто не е ни важно што предизвикува таа надворешна моќ по однос на самите нив, слично како и камелеоните кои ја преземаат бојата од околната средина.
Збогатувајќи го материјалното богатство од непрекинатото вазалство, истовремено, немајќи сопствена суштина, се изгради лажен и изнасилен вредносен систем. Долготрајноста на тој систем доведе самите тие да се чувствуваат и да се вообразат како апсолутна вредност или, кажано со речникот на физиката, да се самопрогласат за единица мерка; нулта точка кај линијарот од каде се одредува што е плус а што минус. Во дадени моменти тоа однесување прераснува и во замисленост дека се сопственици и на вентилот за кислород на Земјата. Замислувајќи се некој за апсолутна вредност, постои опасност да му го земат местото на Бог. И тогаш почнува слободниот пад надолу.
Но општествените процеси не изгледаат така брзи за тие кои го живеат актуелното време. Oд историска гледна точка да се каже дака вазалниот однос на домашните предавници во Македонија се разгради во почетокот на XXI век е само миг во историјата – синхрониска точка на историската вертикала. Миг кој имаме привилегија ние да го одживееме. И така почнува разголувањето на душата и одгрнувањето на вистината.
Тој миг го има опеано еден од основоположниците на современата македонска лингвистика, Блаже Конески, во својата песна Себесоздавање од збирката Сеизмограф:
Така, со замислени ситни притворства
за да се покажеме,
сигурни дека ќе минеме неоткриени,
го градиме ние ден за ден,
дури со години
подобриот дел од себеси.
Потоа како лута зима
неочекувано вистината доаѓа
и останува да виси во воздух уште малку,
призрачна,
таа наша лична зграда.
Урнат е нашиот привид
Доцна
да се измислуваме наново.
Нашиот македонски генијалец вековите ги собра во стихови!
Овој виртуозен опис од нашиот голем Конески се огледа и во стилистиката на македонскиот јазик кај обичниот говорител, што на некој начин може да се определи и како фолклорен елемент.
Така, еден наш документарен филм снимен поодамна за еден нашинец од Долно Дупени, кој живеел на другата страна од законот во Соединетите Американски Држави во времето на Големата депресија, оваа ментална матрица, што преминува веќе во кодирано однесување, ќе ја опише со толку едноставен, а моќен стилски израз. Завршувајќи еднаш в затвор, при легитимирањето требало да каже на која вера припаѓа, а тој рекол дека во Господ не верува, по што е запишан како комуниста, кажано во негов стил. Среќавајќи друг нашинец во ќелијата, запрашал: А бре, полисмено ме пиша како комуниста, јас дотога го не бев чул тој збор, што вера ќе е тоа? Другиот нашинец, веројатно, поупатен, сакајќи во еден здив да му одговори му рекол: А бре, како да ти кажа, тоа ти се едни л’уѓе што не верват во Госпо, си мислат оти ќе им ги земат парите на богатите и така векот ќе го истераат.
Колку многу знаење, дух и остроумност во стилистиката на македонскиот јазик!
- м-р Александар Јорданоски – член на Централната комисија за Култура на ВМРО ДПМНЕ