(Видео) Дописникот за МРТВ и МИА натепан во Белград среде кафуле: Сѐ уште сум во шок
Македонскиот новинар Оливер Бранковиќ преку објава на социјалните мрежи соопшти дека бил физички нападнат во центарот на Белград, додека седел во кафуле со пријател.
Според неговото сведоштво, инцидентот се случил на улицата „Таковска“, кога во локалот влегол непознат маж на возраст од околу 30 до 40 години со куче од расата питбул териер. Бранковиќ наведува дека кучето му се доближило до лицето, по што побарал сопственикот да го тргне, бидејќи му било непријатно.
Како што тврди, по неговата забелешка мажот почнал да го навредува, да вика, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со тупаница во лицето.
„Останав прибран, не возвратив и сè уште сум во шок. Се прашувам колку Белград денес е безбеден град – и за Белграѓаните, и за нас странците, и за туристите“, напиша Бранковиќ.
Тој додава дека веднаш ја повикал полицијата, која, според него, брзо пристигнала на местото и професионално го извршила увидот.
На крајот од својата објава, Бранковиќ истакнува дека е разочаран од случувањето и признава дека се двоуми дали да продолжи да живее и работи во Белград.
Comments are closed.