АНАЛИЗА: Само Филипче е глув и слеп за јасните сигнали од Софија

Два клучни момента ја одбележаа посетата на претседателката на државата и шефот на дипломатијата на Софија, кои даваат јасна порака за намерите на Бугарија кон Македонија во следниот период.

Првиот го обелодени шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која по средбата со бугарската колешка Јотова рече дека уставните измени не се единствениот услов за тргање на ветото за почеток на преговори на земјава со ЕУ, туку Бугарите имаат и услови од протоколите поврзани со историската комисија.

Со тоа станува јасно дека Софија во билатералните разговори јасно кажува што очекува од Скопје и по вметнување на Бугарите во уставот. Нивниот главен инструмент за таа намера е историската комисија, која се спомнува и во договорот за добрососедство и во вториот протокол од меѓувладината седница, вметнати во преговарачката рамка. Без обзир на тоа дали комисијата се охрабрува или задолжува на брзи решенија до крајот на преговорите, сигурно е едно – мора да бидат по бугарски терк.

Во спротивно, Софија секогаш ќе може да се повика на неисполнување на условите од преговарачката рамка и да постави ново вето.

Тоа јасно го кажува и самата Јотова, која ден по средбата со Сиљановска Давкова изјави дека Софија го кажала својот став многу пати.

„Бугарија сто пати кажа дека не сака ништо повеќе од преговарачката рамка, која и тие ја потпишаа“, вели Јотова.

Таа прецизно го наведува условот вметнување на Бугарите во македонскиот устав и исполнување на преговарачката рамка, која го вклучува Договорот за добрососедство и протоколите кон него.

Вториот момент е уште едно понижување од официјалните претставници на Бугарија кон македонскиот јазик, како дел од македонскиот идентитет.

Шефицата на бугарската дипломатијата по претходното намерно обраќање со навредливата придавка северномакедонски, сега ја осуди македонската претседателка зошто побарала бугарските новинари прашањата да ги постават на англиски јазик.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK