Сиљановска – Давкова: Историјата е дел од нашиот идентитет, не можеме да ја ревидираме на барање на некој друг

Мојата перцепција за Европа, за членство, не е на зелената маса да блокирате некој друг. Напротив, да креирате заеднички политики или да му помогнете на тој другиот да седне до вас, за да можете полесно да ги надминете проблемите кои ви се заеднички. Но, повторно велам, ние, како и досега, некако сме исклучок. Но, не поради нашата себеисклученост во поглед на многу прашања, туку поради тоа што некој друг сега има забелешка на нешто што е само наше – историја, идентитет. Треба да разговараме, нема проблем да разговараме. Меѓутоа, не можеме ние да ревидираме историја на барање на некој друг, истакнува претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во мега интервјуто за МИА, што го објавуваме во два дела.

– Сите такви чекори, кога не извирале решенијата од овде, не биле граѓански консензус, не биле трајни решенија, туку само оставале простор или охрабрувале некои други да поставуваат нови прашања. Јас се надевам дека сепак, ако проблемот не е само билатерален, туку е, како што слушаме, проблем со Европската Унија, дека има тука решенија. Јас многупати велам дека и политичката креативност – иако не е уметност на можното, понекогаш не познава граници – не се работи само за нас. Се работи за принципите и вредностите на Европската Унија, додава претседателката.

Таа смета дека во политиката има усогласување, а во историјата нема. – Значи ги политизираме историчарите. Како тоа ќе ја усогласуваме ние историјата? Се разбира дека не треба да имаме во читанките навреди, не треба да имаме несоодветни зборови, говор на омраза, меѓутоа не можете вие да ревидирате историја бидејќи историјата е дел од нашиот идентитет. Лошо е да живеете во историјата, ама да ја имате предвид историјата – тоа е нешто нормално. Секој народ има право на своја историја, на читање на историјата по свое. Не е добро ако вие живеете во историјата, вели Сиљановска – Давкова.

Претседателката се осврнува на последната посета на Бугарија, каде што учествуваше на самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, како и средбата со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова, на кои, секако, како што вели, дојде на дневен ред и нашето прашање.

– Се разбира дека штом ние спомнеме евроинтеграција, приказната веднаш почнува со уставните измени и со протоколите. Пазете, уставни измени за почеток на преговори. Такво нешто немало. Членство – имало пред членство, ама уставни измени за да почнете преговори… Особено по она интересно прашање на еден претходен референдум – „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО?“, не „Дали сте за почеток на преговори?“, „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО?“. Приказната европска има сериозни проблеми, а многу чудно е што доаѓаат од нвите членки на ЕУ, од соседите, вели претседателката Сиљановска – Давкова.

Одењето во Бугарија го оценува како добро, бидејќи, како што вели, поводот беше извонреден: свест, регионална свест, Југоисточна Европа, за потребата од заедничко чекорење во европеизацијата, градење добри односи со соседите, помагање на соседите. – Дури и ние, ми се чини, се радувавме кога Бугарија и Романија влегоа, иако имаше забелешка, особено на битката со корупцијата и криминалот. Зошто? Со надеж дека, па, кога соседот влегува, сигурно дека ќе посака и ние подоцна да се приклучиме, истакна претседателката Сиљановска – Давкова.

На прашањето за односот на опозицијата кон бугарското вето, особено по признанието на Софија дека промената на Уставот не е единствениот услов за преговори, таа вели дека тоа е многу интересен феномен, редок, бидејќи имало проблеми при зачленувањето понекогаш или најчесто од територијален карактер, меѓутоа не постои евроинтеграциски процес во којшто сите граѓани во една држава, без оглед на етничка, верска, односно партиска припадност, не зборувале во еден глас кога се однесувало на националните интереси. „Ние и тука сме специфични. Јасно е зошто, бидејќи уште во процесот на преземањето на обврските, клучните обврски на коишто сега се повикуваат за извршување, имало длабоко неразбирање. Јас паметам какви протести имавме. Но, во една не многу транспарентна постапка, без вклучување не само на опозицијата, туку и на граѓаните, биле носени одлуки коишто се од темелно значење за нашиот идентитет и за нашата држава. За такви одлуки е потребен консензус“, рече Сиљановска – Давкова.

Таа посочува дека „самата Европска Унија, формирањето и проширувањето е една филозофија или еден систем на мека моќ, притоа истакнувајќи дека ветото не е мека моќ, туку најголем непријател на меката моќ.

Во однос на говорот на омраза од бугарски граѓани кон Македонците во Бугарија, претседателката вели дека нема потешко и пострашно од говорот на омраза. – Ние не сме најчестите клиенти кога се во прашање правата на бугарското малцинство во Стразбур, туку Бугарија е. Замислете вие, членка на Европската Унија којашто не мисли дека треба да ги спроведе пресудите од Стразбур. И јас затоа го поздравувам ставот, решеноста на генералниот секретар на Советот на Европа за заострување на односот на Советот на Европа кон членките на оваа најстара институција, кога се во прашање пресудите од Стразбур, вели Сиљановска – Давкова.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK