Пожарите се шират во Израел, прогласена вонредна состојба

Во Израел е прогласена вонредна состојба откако големи пожари беснееја во близина на Ерусалим. Повеќе од 150 противпожарни екипи се обидуваат да го локализираат пожарот, а пристигнува и меѓународна помош.Пожарите што беснеат на 11 локации околу Ерусалим принудија илјадници луѓе да се евакуираат. Седум градови беа евакуирани.

Слики од изгорени подрачја ги преплавија социјалните мрежи. Пожарот се заканува да стигне до самиот Ерусалим. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера прогласи вонредна состојба поради пожарите што избувнаа во близина на Ерусалим, предупредувајќи дека пламените јазици би можеле да стигнат до градот, објавија израелските медиуми. Според Euronews.com, најмалку 22 лица се повредени.

Според Одделот за итни случаи, 12 лица биле однесени во болница, главно поради вдишување чад, додека уште 10 лица биле згрижени на местото на настанот.

Според медиумските извештаи, неколку пожарникари се повредени, а двајца пожарникари се хоспитализирани.

Противпожарните служби упатија итен апел до граѓаните да ги избегнуваат парковите и шумските површини.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK