ВМРО-ДПМНЕ до Османи: Кој ти го даде правото да го потпишеш францускиот предлог без консензус?

ВМРО-ДПМНЕ го прашува потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи дали ја презел раководната функција во неговата партија на местото на Али Ахмети. Ова следува по синоќешното гостување на Османи на дебатната емисија „Топ тема“ и неговите искажани ставови. Од најголемата владеачка партија додаваат дека „единствениот свет во кој треба да завршат корумпираните функционери на ДУИ е светот на правдата“.

„Наместо да одговори зошто за време на неговиот мандат се молчеше пред уцените од Бугарија, зошто се деградираше позицијата на државата на меѓународен план, и зошто ДУИ 20 години ја користеше власта исклучиво за лични и партиски цели, Османи се обидува да создаде нова поделба и тензија. Владата нема потреба да бара ничија дозвола за да ја води надворешната политика на Македонија. Тоа е уставна обврска и право, добиено директно од народот. Македонија е демократска држава, а не приватна територија на ДУИ која треба да се раскрчми – како во минатото“, велат меѓу другото од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму му порачуваат на екс-министерот за надворешни работи дека доста е од лаги за „српски светови“ и „големи Албании“.

„Ако Османи навистина сака да зборува за „прашање до Албанците“, нека им одговори на граѓаните: Кој му го даде правото да го потпише Францускиот предлог без консензус? – Кој му го даде правото да молчи за криминалот во ДУИ? – Кој му го даде правото да ги дели Албанците на „вистински“ и „предавници“ според тоа дали го поддржуваат ДУИ?

Секој што се чувствува Албанец, Македонец, Турчин, Србин, Влав, Бошњак или Ром има исти права и одговорности. Меѓутоа, никој нема право да ја приватизира надворешната политика, да ја дели државата и да ги лаже граѓаните“, стои во објавата на партијата на Христијан Мицкоски.

Османи вчера го праша премиерот „кој му дал право да ја стави земјата како истурен играч на „Српскиот свет“ без да ги праша Албанците?“. Смета дека коалицијата ВЛЕН воопшто не се прашува во Владата за евроинтеграциите на земјава.

„Тоа би било јас да му возвратам: Kој вас ви дава право да преговарате за мојот европски идентитет? Албанците се прозападно ориентирани. Кој вас ви даде право да не ставите како истурен играч на „Српскиот свет“ без да не прашувате нас? Ако одиме на таква варијанта, мислам дека изјавите од типот на ограничување на легитимитет на министри да зборуваат во име на државата поради етничката припадност е најскандалозната можна изјава што може да се даде…Претераа со создавањето на „монструм“ за омраза кон Албанците, ДУИ и останатите заедници и сега се жртва на тој монструм кој што ги гони“, кажа потпретседателот на ДУИ и му порача на премиерот дека мора да внимава што изјавува.

Пред неколку дена, Османи преку порака на Фејсбук му порача на Мицкоски дека како министер за надворешни работи не преговарал во свое име, ниту во име на една етничка група, туку на државата.

„Кога премиер на една земја јавно ќе го стави под знак прашалник легитимитетот на министер да преговара во име на државата – не поради неговиот мандат, туку поради неговото етничко потекло – тоа не е само навреда кон таа етничка заедница. Тоа е обид за редефинирање на државата како етнички монопол, спротивно на Уставот, спротивно на политичката реалност, и спротивно на самата европска идеја на мултиетничка демократија кон која тежнееме“, напиша Османи на Фејсбук.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK